декември 3, 2020

Полскиот премиер се заканува дека ќе стави вето на седумгодишниот буџет на ЕУ

Полска и Унгарија се под истрага на Европската унија за наводно нарушување на независноста на судовите, медиумите и невладините организации. Без доволни гаранции дека ќе се почитуваат договорните права на земјите-членки, не гледаме можност за ратификација на буџетот во полскиот парламент, напиша Матеуш Моравјецки.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки испрати писмо до институциите на ЕУ во кое се заканува дека ќе стави вето на ратификувањето на буџетот ЕУ 2021-27, во националниот парламент доколку пристапот до фондовите на ЕУ е условен со тоа што владите ќе го почитуваат владеењето на правото. Писмото, слично на порано испратеното од унгарскиот премиер Виктор Орбан, беше испратено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и германското претседателство со ЕУ. Портпарол на ЕК го потврди приемот на писмото и суштината на неговата содржина. „Без доволни гаранции дека ќе се почитуваат договорните права на земјите-членки, не гледаме можност за ратификување на буџетот во полскиот парламент“, напиша Моравјецки во писмото, пренесе Reuters, повикувајќи се на изјава на неименуван официјален претставник.

Ризик од губење големи пари

Полска и Унгарија се под истрага на ЕУ за наводно нарушување на независноста на судовите, медиумите и невладините организации. Со воспоставување врска помеѓу пристапот до пари и почитувањето на владеењето на правото, по долгите преговори меѓу Европскиот парламент и германското претседателство со ЕУ, двете земји ризикуваат да изгубат милијарди евра финансирање од фондовите на ЕУ. Оваа условеност беше клучно прашање за ЕП и за неколку северноевропски земји, како што е Холандија, која бараше условите да бидат уште построги. Полска и Унгарија имаат моќ да стават вето на долгорочниот буџет и да спречат која било земја-членка да добива средства од ЕУ. Ова, сепак, ќе им наштети на двете земји, кои се големи нето корисници на европскиот буџет и во кои многу приврзаници на владејачките партии зависат многу од директните субвенции на ЕУ.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •