декември 5, 2020

Да ѝ возвратиме на Хатиџе за љубовта и добриот глас низ светот, да донираме за пристоен дом за зимата

Бидејќи многу луѓе на Хатиџе ѝ ветија многу нешта, а не исполнија ништо, освен фотографирање пред одење на Оскарите, младата кривопаланчанка Мариа Дибијаџо отвори страница за донации за хероината. Донаторите за возврат ќе добијат уникатни дизајнерски маици со ликот на Хатиџе.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Речиси сите ветувања од државата за подобри услови за живот на ѕвездата од филмот што беше на чекор до два Оскари, „Медена земја“, Хатиџе од Беќирлија, не се остварени. Единствено тимот од филмот ѝ купи куќа во Дорфулија, мало село во општина Лозово, која ќе треба да се среди за Хатиџе да може да живее во пристојни услови.

Добрата и едноставна душа на Хатиџе допре до огромен број луѓе, кои понесени од нејзината аура на љубов кон луѓето, природата и животот, сакаат да ѝ возвратат. Сега благодарение на интернет страницата GoFundMe сите хумани луѓе од Европа, Америка и Австралија може да донираат за Хатиџе.

Идејата е на Мариа Дибијаџо, која потекнува од Крива Паланка, а живее и работи како успешен дизајнер во Њујорк. Вели дека луѓето чекале ред во Њујорк за да ја видат Хатиџе и дека таа слика, а подоцна и познанството со хероината во живо, се причина да посредува за на Хатиџе да ѝ се возврати со љубов, грижа и внимание, иако заслужува многу повеќе од тоа.

„Идејата за отварање на GoFundMe страница за донации за Хатиџе се роди сосема случајно кога јас во септември бев во Дорфулија. Желба за роденден ми беше да ја запознаам оваа прекрасна жена и да ја гушнам. Првиот пат не ја најдовме со маж ми, но Панче кој е сопственик на маркет во селото каде што пазарува Хатиџе ми рече штом ќе дојде од Беќирлија каде ги чува пчелите ќе не извести. Јас бев со скршена нога и штаки па одењето до Беќирлија беше невозможно. За два дена ни се јави Панче и кажа дека Хатиџе е вратена и ќе сака да се запознаеме со оглед на фактот што е запознаена за мојата желба да ја видам. Пак отидовме за Дорфулија и бевме на гости кај Панче и Благица. Хатиџе дојде кај нив и се гушнавме како да се знаеме со години. Толку е едноставна, ги сака луѓето и телефонот ѝ ѕвони нонстоп, луѓе ја бараат… Вели дека не ѝ пречи и дека ги сака луѓето. Идејата дојде кога Хатиџе ми ја раскажа приказната дека од сите ветувања од државата и слично ништо не е остварено. Таа и денес живее од социјална пензија и пензијата од нејзиниот  брат. Тимот од филмот „Медена земја“ ѝ купиле  стара куќа во Дорфулија на која ѝ се потребни поправки. Вели дека многу луѓе донирале, кој што сака, некој шпорет, некој друго затоа што ја почитуваат. Ми текна дека во Њујорк кога го гледав филмот се чекаше ред да влезеш, знам какви морници како горда Македонка ме подлазија“, вели Дибијаџо.

Секој може да донира од каде сака во светот, од Австралија, Америка и Европа, како и од Македонија .

„Зборевме со неа дека во тој град не можела да го види сонцето од, како што вели таа, големите згради до небото што биле. Кога споделив на мојот ФБ профил за неа и видеата каде ги поздравува од дијаспората, ми стигнаа пораки. Луѓе сакаа да допринесат некако и така се роди идејата за донации преку најлегитимниот светски сајт GoFundMe. Јас од Македонија не можев да го отворам, мораше некој од Америка, па маж ми Маурисио го стори тоа“, раскажа младата активистка.

Ако ја посетите страницата на GoFundMe, ќе ги видите сите што донирале со име и презиме и сумата на донацијата, но има и опција да донирате анонимно. На самата страна покажува колку процент се одзема. Сѐ е транспарентно за секого, вели Дибијаџо, која е позната по тоа што по светски терк, на големите донатори им се заблагодарува со уникатно дизајнирани подароци бидејќи тоа го работи успешно.  

„Мене во истиот момент ми текна на големите донатори да им испраќаме маички со уникатен дизајн со Хатиџе, а веќе и се подготвува и нејзината биографска книга, па во комуникација со Сузана Турунџиева, на која Хатиџе исто така ѝ е драга особа и ѝ беше гостин во Скопје викендов се договоривме да допринесеме колку можеме повеќе за Хатиџе да добие од драги луѓе нешто за возврат. Сите ја заборавија, верувајте! Мене ми е драго дека по објавувањето на моите видеа и слики со неа од септември на своја лична иницијатива многумина ја посетија. Таа е прекрасна жена и за жал многу наивна за сите луѓе кои и ветија многу нешта, а не исполнија освен фотографирање пред одење на Оскарите“, вели иницијаторката на донаторската акција.

„За тоа што и како од општината Лозово и државата ѝ ветија, а не исполнија, нема да навлегувам ниту трошам енергија. Јас сакам лично, колку и да сме, да ѝ дадеме од нас нешто што ќе ѝ остане, дали ќе биде санирање на покривот од куќата или што да ѝ е потребно за домот да се купи и тоа да остане како подарок од сите нас. Тоа е мисијата и целта на оваа акција… Со чисто срце и желба!“, вели Дибијаџо.

Страницата за донации е активна помалку од 24 часа, а за  помалку од 10 часа веќе има супер одѕив.

„Веќе имаме 345 долари, целта ни е 5.000, да се надеваме дека ќе ги собереме скоро пред зимата да фати, а верувам и со ваква иницијатива како вас за интервју многу ќе ни значи и сум бескрајно благодарна за секоја поддршка што ни ја давате“, заклучува Дибијаџо.

Кликни тука за страната за донација.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •