ноември 30, 2020

Оштетените штедачи во Еуростандард објавија список на фирми кои земале а не враќале кредити

Во најновото соопштение што го пратија до медиумите тие велат дека состојбата на Еуростандард банка на денот на нејзиното затворање, 12 август оваа година, говори дека во банката има 149 фирми со ненаплатливи и тешко наплатливи кредити, во вкупен износ од околу 55 милиони евра. 

„Ниту една од овие фирми немала платено ниту една рата, а доцнеле со плаќање од неколку стотини до преку 1.300 денови. Земени кредити во стотици илјади до милионски суми во евра. Тоа што е најстрашно е обезбедувањето кај овие фирми. Имено, најголем број од нив имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште чиишто проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот. Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: Екопластик Рисајклинг доо од Скопје (доцни со исплата 803 дена), Југотрејдинг ДН дооел од Струмица (доцни со исплата 363 дена), Багкоп (доцни со исплата 438 дена), Повардарие Шпедиција доо од Неготино (доцни со исплата 864 дена), Ено-Мак дооел од Скопје (доцни со исплата 742 дена), Агромел БВ дооел од Струмица (доцни со исплата 985 дена), Електро-спој дооел од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други„, пишуваат штедачите во својот допис до јавноста.

Воедно, нагласуваат, има и околу 60 фирми чиишто земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити кои немаат никакво обезбедување. 

„Според извештајот на стечајниот управник, такви фирми се: Атв Зеус (доцни со исплата 409 дена), Тете-Ем дооел (доцни со исплата 438 дена), Пинк Флај дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Јанев Трејд дооел од Струмица (доцни со исплата 438 дена), Зои Пер Компани дооел од Скопје (доцни со исплата 347 дена), Фероспектар (доцни со исплата 279 дена), Бартон дооел од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), Фероцем Плус дооел од Струмица (доцни со исплата 348 дена), ТП Конта План ХТЦ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), Балкан Метал дооел од Скопје (доцни со исплата 530 дена), ТРД ТВ-Канал Вис од Струмица (доцни со исплата 620 дена) и други“, велат депонентите на пропаднатата банка.

Како што нагласуваат, вообичаено банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот. Во нашата пракса најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120 отсто па нагоре, зависно од видот на обезбедување. Тоа значи приложено обезбедување во износ од 120 илјади евра во парични средства може да покрие кредит најмногу во износ до 100 илјади евра.

„Праксата со обезбедувањата за издадените кредити од Еуростандард банка била обратна. Не само што се делеле кредити во стотици илјади или милионски суми во евра кои никогаш не биле исплаќани, туку и обезбедувањето на тие кредити е далеку под износите на истите и спротивно на интерните политики на банката како и на воспоставената и регуларна пракса на банките во земјава. Па така, откако сега Еуростандард банка е затворена, впаричувањето на обезбедувањата на така доделените кредити не може ни од далеку да ја надомести огромната загуба на депонентите кои ги загубија своите пари со пропаѓањето на банката“, се вели во соопштението од штедачите.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •