ноември 27, 2020

Комисијата за заразни болести не се состана

Иако денеска требаше да се одржи состанок на Kомисијата за заразни болести, за да се разгледуваат нови рестриктивни мерки, сепак како што дознава „Фокус“, состанокот е откажан.

Првично членовите на комисијата требало да се состанат во 12 часот, но потоа стигна информација дека состанокот е закажан за два часа подоцна. Сепак, дознаваме, дека состанокот воопшто не се одржал.

Денеска министерот за здравство Венко Филипче истакна дека засега, според него, нема потреба од дополнителни рестрикции како полициски час. Во следните недели очекува резултати да дадат рестриктивните мерки кои сега се на сила, иако, како што денеска изјави, подготвени се да предложат дополнителни рестрикции доколку има потреба од тоа.

Евентуално би можело да се предложи целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд.

– После утринската координација што ја имавме, се уште сметаме дека ова не треба да се препорачува, но ја следиме епидемиолошката ситуација и ќе носиме одлуки доколку треба да се донесат вакви препораки или мерки, нагласи Филипче.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •