декември 3, 2020

КАКО СЕ УПРАВУВАЛО СО ПАНДЕМИЈА ПРЕД 1840 ГОДИНИ


Од 166-180 год., во период од околу 15 години, во Европа беснеела страшна пандемија (се претпоставува на мали сипаници). Рим бил особено лошо погоден и изгубил 1/3 од населението во тој период, во време на владеењето на Марк Аврелиј (познат како последниот од 5те ДОБРИ императори).
Како овој филозоф стоик владеел за време на пандемијата?
Гледајќи го ужасот кој го снашол неговиот народ, решил дека е неопходно тој лично да биде постојано со луѓето, за да ги бодри, охрабрува и да ги учи како НАМЕСТО ДА СЕ ПЛАШАТ од непознатото, да применуваат “дихотомија на контрола” (постојано да се потсетуваат на она што е во нивна контрола и да го применуваат, како и на она што не е во нивна контрола и да го прифатат како неразделен дел од животот на еден човек).
Во тие 15 години континуирано патувал во различни делови од земјата и држел говори меѓу населението за потребата од смиреност, заедништво, меѓусебно помагање и контролирање на стравот.
Сметал дека СТРАВОТ Е ПОСТРАШЕН ОД САМАТА ПАНДЕМИЈА, бидејќи болеста може му се заканува на телото и животот, но стравот е опасност за целото човештво, бидејќи ако преовлада го вади најлошото од луѓето и ги претвора во себични, алчни, крволочни ѕверови.
За време на пандемијата ја напишал книгата “Медитации” во која е изложено целото негово учење и мудрост применувана во пандемијата.
Кога државната каса се испразнила и немало веќе пари за храна и грижа за населението, Марк Аврелиј го продал целото злато на империјата, сите скапоцености, вклучително и накитот на неговата жена, за да може да продолжи да им помага на луѓето.
Кога сите богати луѓе почнале да бегаат од Рим, тој останал со народот и продолжил со својата работа.
Неизбежно, се разболел и самиот. На смртната постела, знаејќи дека има само неколку дена живот, на своите генерали им порачал “да не го жалат него, туку да продолжат да се грижат за народот и да обезбедат мирен пренос на власта”.
Целото управување со пандемијата му се базирало на неколку клучни тези:
Пандемијата не може да биде целосно под моја контрола, но начинот на кој се однесувам во одговор на истата Е.
Доблестите што ми ги има подарено природата и животот можам да ги искористам во било која тешка ситуација.
Животот не е бесконечен и наоѓање на сила да го прифатиме тој факт, може да ни помогне подобро да ги живееме деновите кои реално ги имаме на располагање.
Стравот ни нанесува поголема штета отколку било која друга опасност со која сме соочени.

Фејсбук статус на Тамара Јованов

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •