декември 2, 2020

Изетбеговиќ со предупредување: Внимавајте, БиХ има стравотно оружје

Претседателот на партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ, рече дека Босна и Херцеговина има на располагање стравотно оружје и додаде дека за тоа треба да размислат сите што имаат лоши намери кон таа земја.

Во текот на денот, Изетбеговиќ ја посети фабриката за оружје и муниција „Бинас“ во близина на Бугојно, каде што претставници му ја демонстрираа ефикасноста на некои нивни производи, а лидерот на владејачката бошњачка партија им рече на новинарите дека е импресиониран од она што го видел.

„Бевме присутни на презентација на нова граната произведена од ‘Бинас’ во Бугојно со дострел од над две илјади метри која пука многу фреквентно и рафално. Значи, стравотно оружје во рацете на Босна и Херцеговина“, изјави Изетбеговиќ.

Тој додаде дека секој напредок направен од воената индустрија на БиХ е чекор кон консолидирање на мирот.

„Ова е обесхрабрувачка порака за сите оние кои можат да имаат лоши намери во врска со БиХ“, додаде Изетбеговиќ, воодушевен од изведбата на фрлачите на гранати и муницијата што се произведуваат во Бугојно.

Пред две години, Изетбеговиќ предизвика низа реакции по објавата дека БиХ, односно Федерацијата, посилно ќе ја развива својата воена индустрија за, како што рече, „не дај боже“.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •