декември 5, 2020

Владата почна да ги спрема граѓаните за трето недобивање датум за преговори со ЕУ

Ќе се прават напори до последен момент за решение со Бугарија, но постои сериозна можност во декмеври да нема прва меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, најави премиерот Зоран Заев. 

Разликите со Бугарија, како што кажа, остануваат. Сепак, Заев останува оптимист дека е можно решавање на отворените прашања, иако повтори дека за јазикот и идентитетот не се преговара.

– Ќе дадеме се што може од наша страна, како енергија, како памет, како мудрост, но секако знаете дека има работи за коишто никаде во светот не се преговара, ниту кај нас ќе се преговара. Тоа бугарската страна го сфаќа. Сфаќаат дека нашиот идентитет, нашиот македонски јазик се наше чувство, наше право, државите не преговараат за оваа работа. Ние продолжуваме да изнаоѓаме решенија кои би биле прифатливи за двете страни, но дефинитивно стојам на ставот дека постои сериозна можност ние да не добиеме прва меѓувладина конференција со ЕУ, изјави Заев.

Борба до последна минута за приближување на позициите со Бугарија, најави и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Според него остануваат уште малку денови до првиот обид, а доколку ни биде попречен евроинтегративниот пат, тоа ќе биде неуспех и за Бугарија и за ЕУ.

-Разговараме се уште, не можам да предвидам ништо, ниту да го прејудицирам исходот. Прашањето е премногу комплексно и сензитивно, а периодот е прекраток. Нашиот пристап е дека ќе работиме до последната минута за да ги аргументираме прво нашите погледи кон ова прашање, да ги приближиме различните очекувања. Моето чувство е дека решението е во враќањето на довербата дека Договорот за добрососедство е единствениот инструмент и гаранција за надминување на сите разлики, рече Османи.

Иако остануваат уште 5 дена до министерскиот состанок во ЕУ на кој треба да се знае судбината со преговарачката рамка за Македонија, за министерот Османи е важно целата оваа ситуација, како што рече, да не се сведе само на разговорите со Бугарија, бидејќи сите останати 26 земји-членки на ЕУ веќе го усогласиле ставот за текстот на преговарачката рамка, што за него е голем успех. На крајот треба и Македонија да да ја прифати или отфрли преговарачката рамка, вели Османи.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •