декември 2, 2020

Заев: ЕУ ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените девет милијарди евра за грантови

Лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија заврши со заеднички изјави за медиумите и за јавноста за резултатите од Самитот на ко-домаќините на настанот, премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, и канцеларката на Германија, Ангела Меркел, на чија иницијатива се спроведува Берлинскиот процес за регионот.

– Дискутиравме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Акцискиот план за заеднички регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи ќе го поттикне економскиот раст и развојот во регионот, но исто така и ќе опфати и некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, нудејќи огромен потенцијал за раст, за нови работни места и за стратешки пристап кон заштитата на животната средина – истакна премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој нагласи дека ЕУ храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, со што ќе се обезбеди голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економска трансформација на регионот.

– Претставувањето на Зелената Агенда за Западен Балкан дополнително ќе донесе нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ – рече Заев.

Премиерот Заев потенцираше дека идејата за интерконекција, којашто е во сржта на Берлинскиот процес, еволуираше во поврзаност во многу поширока смисла од инфраструктурната и регионот со право ја препозна важноста на деловната поврзаност, младинската мобилност, дигиталната поврзаност, дијалогот со граѓанското општество, културната размена, со цел да се конкурира на глобалните пазари, како и заради општата благосостојба на своите граѓани.

Борисов од своја страна истакна дека за време на заедничкото домаќинство на неговата земја и Македонија на Берлинскиот процес беше изразена силна посветеност за развојот на регионот, која со исто толку внимание беше поддржана и од лидерите на земјите членки на ЕУ и од европските институции кои зедоа активно учество и денешниот Самит.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •