декември 2, 2020

ЕУ оди на суд против Силиконската долина, ги тужат Амазон, Гугл, Фејсбук …

Европската комисија започна битки против некои од најголемите имиња на Силиконската долина, доведувајќи го во прашање нивниот однос кон конкуренцијата, даночните аранжмани и заштитата на податоците, и изрекувајќи рекордни казни во некои случаи. Ројтерс избра неколку од најголемите антимонополски и регулаторни активности на ЕУ против технолошките гиганти.

Амазон

Европската комисија го обвини „Амазон“ за кршење на правилата за еднаква конкуренција на пазарот на малопродажба на Интернет и отвори истрага за сомневањата дека интернет гигантот користи податоци од независни трговци на мало, сместени на својата платформа, за да им се спротивстави поуспешно. Во посебна истрага, таа ќе провери дали Амазон обезбедува повластен третман на своите понуди за малопродажба и на оние трговци што ги користат нејзините логистички услуги и услуги за испорака.

Гугл

Од 2010 година и првата истрага, Европската унија зазема особено истакната позиција меѓу регулаторите кои темелно ги испитуваат поплаките дека „Гугл“ на „Алфабет“ ги крши правилата за конкуренција. Популарниот пребарувач се соочува со казни во вкупна вредност од над 8,2 милијарди евра во три одделни случаи во последните три години, иако се обидува да ги побие тврдењата на ЕК. Европската комисија го казни со 2,4 милијарди евра во 2017 година за фаворизирање сопствен сервис за споредба на цени на штета на помалите европски конкуренти. Во 2018 година тој беше казнет со рекордни 4,34 милијарди евра за користење на неговиот мобилен оперативен систем Андроид за блокирање на конкурентите. Минатата година европските регулатори го казнија со 1,49 милијарди евра за злоупотреба на неговата доминантна улога во рекламирање преку Интернет.

Епл

Apple е под истрага за App Store и мобилниот систем за плаќање Apple Pay. Истрагата е покрената по минатогодишната тужба од шведскиот сервис за стриминг на музика „Спотифај“, кој тврди дека „Епл“ неправедно ја ограничува конкуренцијата со сопствената услуга за стриминг на музика „Епл мјузик“. Во март годинава, помал конкурент поднесе слична жалба во врска со е-книги и аудио книги. Комесарот за конкуренција на ЕУ, Маргрет Вестагер, исто така, го стави Apple во центарот на европските напори да ги натера американските технолошки гиганти да плаќаат повисоки даноци. Во септември, таа се жалеше на пресудата на Европскиот суд за поништување на нејзината одлука дека Епл мора да и плати на Ирска 13 милијарди евра даночен долг, историски, како дел од борбата на Европската комисија против затајување данок.

Фејсбук

Европската комисија во декември минатата година објави дека истражува како Фејсбук собира и монетизира податоци, со што се отвори ново бојно поле, по истрагата за нејзинината интернет продавница “Маркетплејс”.

Бродком

Американскиот производител на чипови, Бродком, во октомври се согласи да ги раскине ексклузивните договори со производителите на ТВ и Интернет модеми, договорено со Комисијата, завршувајќи ја 12-месечната истрага и заклучувајќи дека не се пронајдени повреди.

Квалком

Qualcomm во февруари објави дека ЕУ истражува дали ги крши правилата за конкуренција, користејќи ја својата доминантна позиција на пазарот на модерни чипови 5G. Во јули минатата година, Комисијата го казни Квалком со 242 милиони евра за блокирање на конкурент на пазарот пред десет години. Во 2018 година му определи казна од 997 милиони евра затоа што му плати на производителот на Ајфон, Епл, да ги користи само неговите чипови.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •