ноември 29, 2020

Каракачанов исплашен дека македонскиот јазик ќе се учи во Ќустендил и во Горна Џумаја (денешен Благоевград)

Красимир Каракачанов

Македонскиот јазик е создаден по 1944 година со оган и меч и не смееме да им направиме отстапка, зашто утре ќе побараат да се учи тој измислен јазик во Ќустендил и во областа на Благоевград, вели министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов на прашањето дали Софија ќе попушти пред ставот на Германија Македонија да отпочне со преговорите со ЕУ.

„Во Скопје некој си замислува дека Бугарија ќе направи отстапки поради братски чувства и солидарност. Незамисливо е бугарското Собрание и тоа во ниту еден парламентарен состав, да гласа и со тоа да направи отстапка. Тие сметаат и дека некој однадвор ќе изврши притисок врз Бугарија, но тоа нема да се случи”, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов во интервју за БТВ.

Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивен, но членка не се станува со со коминтерновско удирање по маса, вели Каракачанов и оценува дека Договорот за добрососедство може да биде доволно добар ако се почитува.
Според него, иако Договорот беше услов за прием во НАТО, а сега и за ЕУ, тој веќе не се почитува.

Каракачанов тврди дека нема дипломатски притисок врз Бугарија од страна Германија, а што се однесува до САД тој таму „ја објаснил генезата на балканските проблеми, повикувајќи се на американски извори”.

„Пријателството е пријателство, братството е братство, но договорите и доброто однесување мора да се почитуваат. Не сакаме да одиме низ Капали чаршија и да се расправаме чиј е Гоце Делчев, изјави Каракачанов, инсистирајќи на тоа дека Бугарија и бугарскиот народ мора да го бранат националниот интерес.

Бугарија „не ги принудува Скопје и Македонците да се откажат од својот национален идентитет, но треба да бидат така добри и да го создаваат според фактите дека тој е создаден со оган и меч по 1944 година”.

„До 1944 година историјата е заедничка, на еден народ. Имаме заедничка историја со Отоманската Империја, со Византија, со ерменскиот народ, но не и со Македонците“, додава Каракачанов.

Едно „потклекнување” пред Скопје сега, би значело проблеми за во иднина, кои би вклучувале и барања за изучување на „измислениот македонски јазик во Ќустендил и во областа на Благоевград, со тек на времето”.

„Бугарија сака Македонија да го запре фалсификувањето на бугарската историја и да го запре антибугарското воспитување преку медиумите и преку образованието. Први ја признавме Македонија во 1992 година, што доведе до фактот дека војната не се прошири на нејзината територија. Бугарија ѝ помогна на Македонија воено, дипломатски и финансиски. Наместо тоа, добиваме навреди, нѐ нарекуваат фашисти и татарско племе“, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, пренесува агенцијата БГНЕС.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •