ноември 25, 2020

Топтан јабана

И покрај милијардите (субвенции) истурени во земјоделскиот сектор во изминативе години, статистичките податоци покажуваат дека во изминатите десет години во Македонија се намалува бројот на индивидуални земјоделски стопанства, кои се костурот на македонското земјоделство, како и површините кои тие ги обработуваат. Во споредба со 2010 година Македонија денес има 14 илјади земјоделски индивидуални стопанства помалку, а земјиштето што тие го обработуваат е намалено за близу 11 илјади хектари. Дури 60% од вкупниот број на земјоделски стопанства во Македонија обработуваат помалку од еден хектар земја и имаат по две крави, што ја отсликува состојбата во која се наоѓа македонското земјоделство – раситнето, расцепкано и без потенцијал да произведе поголеми количини на квалитетни и конкурентни земјоделски производи. Таа расцепканост е причина и за намалените приноси по единица производен капацитет. А оние ретките, кои се покрупни производители и имаат знаење да произведат квалитетен производ, се приморани својот производ да го продаваат буквално на улица.

Бул. 3-та Македонска бригада – Скопје

Има ли цел земјоделското производство во Македонија? Зошто најубавите и најквалитетни производи се продаваат на тротоарите ширум државава, ѓутуре, топтан, наместо да се продаваат на берза по пазарни цени и да бидат извезувани ширум Европа? А таму, на полиците на европските маркети 2 парчиња пиперки би се продавале по цена од 2 евра?! Или парче јаболко по цена од евро?!Така наличени на рафтовите по маркетите во Париз или Лондон, да бидат и најдобрите амбасадори на Македонија, со етикета на нив “Македонија – земја каде што вечно сонце сјае”.

Зошто гледаме ваква слика на улиците по македонските градови?

Долги години субвенционирањето е сведено на социјална помош, па субвенции се исплаќаат за сè и секому. Грешка во чекори, тоа може да се види и од официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика. Така расцепкани и неорганизирани, фармерите немаат ресурси, ниту доволно квантитет да настапат на посериозни пазари. Не можат дури да продадат ниту на домашните ланци маркети. Немаат стандардизирано производство, а и не можат да си дозволат таков трошок поради малото производство. Или пластично, не може фармер кој што обработува да кажеме 5 хектари јаболков насад, да инвестира сам во објект за чување, доработка и пакување на тој производ по сите светски стандарди, и на крај да се сертифицира со “Глобал ГАП” сертификат. Тоа е прескапо за поединци, но без овој сертификат нема да го видите ниту “Керфур”, ниту ” Теско” или “Алди”. А богами ниту “Тинекс”. Затоа се почесто и во нашите маркети гледаме прекрасно спакувано овошје и зеленчук од странство. И така, на нашите фармери им останува улицата.

Потценување

Ова што со години го гледаме на улиците, не е ништо друго туку потценување на трудот на производителите, но и газење врз достоинството на овие луѓе. Нивниот труд не е вреднуван со вистинската цена за нивниот вложен труд и крајниот производот. Спијат во камиони, без никакви услови за основна хигиена. Фармерот треба да е горд човек, оти не е лесно да се произведе храна. Кој не пробал, не знае. Фармерот треба да е финансиски добростоечки. Но иронија ли, ние овие луѓе ги направивме бездомници. Грда слика во секој случај, но и сериозно загрозување на здравјето на овие луѓе, како и безбедноста во сообраќајот.

Решенија

Или како парите за субвенции што државата буквално ги фрла во бунар, а изнесуваат од 120 – 150 милиони евра годишно, да се искористат во насока на развој и создавање профитабилно земјоделство?

Прво окрупнување. Сакаш окрупнување а даваш субвенции за 3000 м2 жито!? Или, Стефчо има една крава, па ќе му потфрлиме некоја илјадарка, можеби ќе гласа за нас?! Парите се основна алатка да натераш некого да се покрене, а 15 години шемите за субвенционирање не се променети. За тоа е крива државата, односно ресорното министерство за земјоделство.

Значи, целта на министерството како носител на политиките би била да ги ојача професионалците, оние кои остваруваат егзистенција од земјоделството и за кои ќе има поголема помош. И дополнително ќе се окрупнуваат со здружување. Тоа би значело и нивна обука и усовршување, но и технолошка “револуција” (за македонски прилики секако). Оние кои со земјоделство се бават од хоби ќе мора да решат, или да го продолжат своето хоби, но без да бидат субвенционирани, или да го дадат под закуп своето земјиште на покрупните производители.

Ова ќе се постигне само со реформирање на шемите и критериумите за субвенционирање. Пример, ако сега минимум површина за исплата на субвенции за производство на пченица е 0,3 хектари, следната година ќе биде 3 хектари. Втората година ќе биде 5 итн. Или во сточарството, ако сега се добиваат субвенции и за една крава, овој минимум ќе се зголемува секоја наредна година, согласно изготвена стратегија за наредните 8 години, заради предвидливост на фармерите и постепено прилагодување кон стратегијата. Целта на ова окрупнување би била, на крајот на реформата, субвенции да земаат само фармерите кои го надоградуваат растителното производство со сточарско. На пример, ако одгледувам 10 хектари пченка, или други житни култури, во тој случај, доколку сакам државни субвенции, ќе морам да одгледувам 7 крави и/или 70 овци минимум. Сточарското производство е додадена вредност во земјоделското производство и обезбедува редовни секојдневни приходи за фармерите.

Второ, за напредно и пред се профитабилно земјоделство, политиките во земјоделскиот сектор треба да таргетираат земјоделци кои живеат од тоа, просто кажано професионалци, а не такви на кои земјоделството им е дополнителна дејност, односно субвенциите им служат за џепарлак!!!

Трето, изградба на потребната инфраструктура за профитабилно земјоделско производство. Напоредно треба да се ревитализираат сите системи за наводнување, да се обезбеди евтино и лесно достапно греење на оранжериските производители, но и да се изградат откупно – диструбитивни центри по сите стандарди. Тоа се трите точки на кои треба да се фокусира министерството во делот на инфраструктурата. Ова, по мои проценки нема да ја чини државата повеќе од 100 милиони евра, или на предвидената стратегија по 10 – 15 милиони евра годишно, што ќе се согласите и не е некоја голема сума со оглед на тоа дека денес државата “гори” преку 100 милиони годишно во секторот. Но, може истото да го направи и по принципот на јавно – приватно партнерство.

Денес, не треба да измислуваме топла вода. Да се научи нешто е најлесната работа на светов. Ни треба само пристап до интернет и во моментот сме таму каде што сакаме да бидеме. И мораме да научиме, за овие луѓе да ги тргнеме од улиците, но и да ги ситуираме солидно. Оти, секаде производството на храна е најголем бизнис, само во Македонија е најдолна работа. Во спротивно отиде земјоделието топтан.

Ново мото во земјоделството: окрупнување – инфраструктура – технологија – знаење!

Прочитајте ја и мојата претходна колумна “100 милиони евра годишно” на тема земјоделство.

Автор Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •