ноември 25, 2020

Мас: Оние кои веруваат во иднината си заминуваат од Балканот

Младите луѓе масовно ги напуштаат државите од Западниот Балкан во потрага по подобар живот на запад. Проблем не е само лошата економска состојба. На конференција во Берлин се бараа решенија за проблемите.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дури 71 отсто од младите од Македонија, БиХ, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија сакаат да ја напуштат својата татковина, покажува „Балкан-барометарот“ на Советот за регионална соработка, иницијатива за политичка координација на соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. За Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, тоа е уште една причина да ја насочи својата политика во тој дел од Европа кон перспективата на младите генерации.
Но, целта на ЕУ не е да ја сопре миграцијата, рече шефот на германската дипломатија Хајко Мас на отворањето на вчерашната конференција во Берлин. 

„30 години по падот на железната завеса знаеме: сите оние кои се обиделе да ја запрат биле неуспешни во тоа. Мобилноста е дел од ДНК-та на Европската Унија. И ги подготвува младите луѓе за живот во глобализиран, заемно поврзан свет. Истовремено не може да ги затвориме очите пред проблемите што ги предизвикува постојаниот „одлив на мозоци“ од државите на Западниот Балкан“, рече Мас.

Како пример за тоа што треба да се промени тој наведе една средба во Скопје за време на една од неговите посети.
Кога разговарав со една млада жена во Скопје за време на едно од моите патувања, раскажа Мас, таа ми рече:

„Луѓето во овој регион се караат за минатото, наместо да гледаат кон иднината. А оние кои веруваат во иднината, си заминуваат.”

„Ова е тоа што треба да го промениме“, вели германскиот дипломат. 

Истражувањата во регионот велат дека младите луѓе не ги напуштаат своите татковини поради лошата економска состојбата, туку и поради недостатоците во образовниот, здравствениот и социјалниот систем, на недостатокот од вработување засновано врз заслуги и на корупцијата.

За таа цел, Мас предлага стратегија во три чекори: инвестиции во иднината, развој на добрососедските односи и оставање настрана на проблемите од минатото, и забрзување на интеграцијата во ЕУ на земјите од регионот. Во таа насока, според Мас, клучно е спроведување на реформите, но и помошта која што во економскиот дел планира да ја обезбеди ЕУ.
Германскиот министер беше особено критичен кон нерешениот спор меѓу Србија и Косово, и состојбите во БиХ.

„Во земја што сака да стапи во ЕУ едноставно нема место за националистичко агитирање, за негирање на воените злосторства или за глорифицирање на воените злосторници“, порача Мас.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •