декември 1, 2020

Интервју на Џафери за РС Европа – Закони по брза постапка на штета на Собранието, но за добро на државата

За носењето закони по скратена постапка, кои беа дел од реформскиот процес, избравме поарно да биде оценката послаба по однос на Собранието, одошто државата да има последици по однос на членството во НАТО и преговорите со ЕУ, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за РСЕ.

Се согласувате ли со оценката на еврокомесарот Оливер Вархеји, која што е спомената и во извештајот на Европската Комисија дека имало значително зголемување на употребата на брзи процедури во носењето на закони?

За жал, така е. Ние ако ги споредиме 2018 и 2019 година како целосни години во кои работел парламентарниот состав во претходниот мандат, имало драстично намалувања на скратените постапки за носење на законите во 2018, што беше нотирано и во претходниот извештај за 2018 година, но од друга страна заради потребата за исполнување на спогодбите кои ги донесе Република Република Македонија, заради потребата од реформскиот процес и брзината на времетраењето во кое тоа требало да се исполни, секако поради процедурите.

Ако се одело во редовна постапка не ќе можеше да се стигне да се заврши со сите тие постапки и процедури за да се исполнат предусловите за она што стана и факт дека во 2020 станавме полноправна членка на НАТО, од друга страна во март веќе добивме одредница дека до крајот на годината би требало и формално да ги отвориме претпристапните преговори, тоа не би случило доколку не би се одело за дел од законите во скратена постапка. И во таа агенда секако Собранието требало да се реши дали ќе оди во скратена постапка на нејзина штета по однос на формалната оценка која се дава на крајот на годината или ќе оди во редовна постапка по која резултатот ќе биде негативен по државата во целина, и ние го избравме полесниот аспект на лошите нешта, во смисла поарно да биде состојбата односно оценката послаба по однос на Собранието за скратените постапки одошто државата да имаше последици по однос на членството во НАТО и отпочнувањето на претпристапните преговори. Во таа насока мислам дека го направиме исправниот избор.

Во оваа година за жал, велам за жал, по формирањето на владата надвладуваат скратените постапки врзани за пандемијата, и сега, пак, во таа ситуација собранието е во ситуација да бира или ќе оди по секоја цена на редовни постапки, а на штета на потребите за надминување на последиците од пандемијата или, пак, на штета на Собранието да се добива оценка дека се скратени постапки и да оневозможат другите институции да ги исполнуваат своите обврски заради пандемијата. Така што во оваа насока мислам дека состојбата е таа и причината е таа.

Откако неколку пратеници се заразија со ковид-19 изјавивте дека засега нема опција собранието да заседава онлајн и дека би се гласало по примерот со пратеникот Арбен Зибери во посебна кабина. Но пратениците, во тој случај, нема да може да учествуваат на расправите. Како тоа би влијаело на процесот?

Сега се најдовме среде пандемија. Што вели народот, не дал господ пожар, каде ќе работи собранието? Со Уставот е тесно дефинирано дека собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала, и што сега ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина е трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е дефинирано. Затоа сега кога се најдовме во оваа ситуација е неопходно да размислиме да имаме резервни правила како и на кој начин би ја извршиле нашата функција и во такви услови, а не тоа да биде замена за редовната работа. Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат за право да имаат пристап онаков каков што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови кој нормален човек би побарал да си работи од дома? Но ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа.

Зошто имате потреба од пет потпретседатели?

Не, јас немам потреба од ниеден потпретседател како претседател на Собранието, туку институција, Собранието, сходно на Законот донесен за собранието и сходно на обврските доделени на пратениците, односно на потпретседателите, извира потребата од тој број на потпретседатели. Уставот и Деловникот е отворен, значи одредува минимум потпретседатели, значи еден за да може да се има заменливост со претседателот на Собранието и максимумот е оставен отворен, онаков каков што е развојот на институцијата. Мојата надлежност е да предложам предлог одлука со број на потпретседатели, одлука на Собранието е колку ќе изберат. Колку ќе изберат е веќе одлука и волја на пратениците доколку сакаат да ги исполнат сите оние обврски што произлегуваат од Законот за собранието, а не како нечија потреба.

Има ли проценка колку тие ќе го чинат буџетот?

Па тие се пратеници.

Да, ама ќе добиваат повисоки плати како потпретседатели, веројатно ќе имаат и службеници кои ќе работат за нив.

Таа разлика значи не е разлика која битно влијае врз буџетот на Собранието. Значи тие се пратеници, основна плата како пратеник добиваат 0.5 од коефициент на плата има разлика од пратеникот и во тој контекст мислам дека не е значителна разлика по однос на примањата. Кабинетот се служи, се опслужува од самата служба внатре, дополнителни трошоци по однос на тоа нема.

Несогласувањата со Бугарија, доколку не се решат, може да ја одложат меѓувладината конференција со Европската унија. Како вие гледате на проблемот?

Во секој случај Собранието го ратификува Договорот и од него произлегуваат обврски за работа на мешовитите комисии од двете страни, кои треба да ги разгледаат разликите по однос на поимањата кои произлегуваат од самиот договор. Јас се надевам дека ќе рефлектираат и двете комисии, веројатно сега и водени од состојбите. Обострано политички можеби ситуацијата е подгреана повеќе отколку што е потребно, но во секој случај тоа е во надлежност на Извршната власт, значи соодветно да си ја одржува комуникацијата и да доаѓа до соодветното решение, во смисла да се надминат сите тие разлики по однос на можното попречување. Јас сум убеден дека работите ќе се стивнат, ќе слегнат на свое место и во декември би требало да отпочне меѓувладината конференција и паралелно потоа со отворањето на поглавијата, евентуалните разлики по однос на потребите за надминување на разликите да се продолжи со преговарање, со разговарање и во тој контекст да се изнајдат најдобри можни решенија прифатливи за двете страни.

* Извор: РС Европа

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •