ноември 24, 2020

“Групер” здравство

Стефчо Негриески

Страотна јагма владее за тестирање на корона вирусите. Луѓето вадат и пари од под перница за да си го проверат своето здравје. Вистински “блек фрајдеј” во медицината. Тестови со попуст се продаваат дури и на “Групер” и “Купи на попуст”. Стана ли медицината бизнис од невидени размери и надринаука?!

Државното здравство не можејќи да одговори на побарувачката за тестирање, ги остава испаничените граѓани чарето да си го бараат во приватните лаборатории и клиники. Таму, за да се направи тестирање за едно четиричлено семејство, потребна е солидна сума. Запрашан околу цените на тестирањето, министерот за здравство одговори дека тие не можат да се мешаат во цените на приватните клиники. Би се рекло одговор на место. Но, дали е баш така?

Сите ние го полниме Фондот за здравство преку задолжителното здравствено осигурување кое изнесува 7,5 % од бруто платата. Согласно податоците на Државниот завод за статистика, вкупната сума што ја собира ФЗО по основ на задолжителните придонеси е околу 400 милиони евра годишно. Плус големи средства се собираат од партиципацијата и други приходи, кои исто така ги издвојуваме од нашите џебови, така што ФЗО располага со буџет од околу 550 милиони евра. Тука треба да го додадеме и буџетот на министерството за здравство од околу 115 милиони евра. Или вкупно 670 милиони евра народни пари за “бесплатното” здравство. Сè со надеж дека тогаш кога ќе ни затреба здравствена услуга, ќе може да ја добиеме во нашиот солидарен здравствен систем. Но, колкумина од вас знаат за луѓе, соседи, пријатели, но и самите биле сведоци, на неможноста да се дојде до навремена услуга во државните болници?! И пред оваа бесмислена криза со пандемијава. Верувам, дека не постои во Македонија човек кој што немал лоши искуства со македонското здравство. Барање врски, плаќање мито… за на крај да ви остане да си го барате лекот во некоја приватна клиника.

Ако мислите дека овие пари се мали, ќе разгледаме со колкави буџети (односно приходи), располагаат најпознатите приватни клиники во Македонија. Податоците се од завршните сметки за 2018 година.

Убедливо најголем учесник на пазарот на продажба на медицински услуги во приватното здравство е скопската клиничка болница „Аџибадем Систина“. Оваа компанија лани имала приходи од медицински услуги вредни 35,1 милиони евра. „Аџибадем Систина“ во 2018 остварила добивка од 4,12 милиони евра и стапката на профит во однос на приходите е повисока од 11 отсто.

Според износот на приходи на второ место е приватната клиничка болница „Жан Митрев“ која во 2018 остварила приходи во износ од 15,8 милиони евра. Оваа клиника, најпозната по операциите на срце, лани вработувала 265 лица, а остварила добивка од 1,55 милиони евра .

Трето рангирана, според остварените приходи лани, е приватната општа болница „Ре Медика“ од Скопје. Нејзиниот приход бил 8 милиони евра, а добивката е безмалку 1 милион евра.

Специјалната болница по гинекологија и акуштерство „Плодност“ од Битола во 2018 направила приход од 2,8 милиони евра. Добивката на „Плодност“ била 355.200 евра, а вработувала 87 лица.

Колкава е продуктивноста во приватните болници?

Од ова погоре може да заклучиме дека четирите најголеми приватни клиники оствариле приходи од 62 милиони евра, при што оствариле и профит од вкупно 7 милиони евра. Значи, направиле трошоци од 55 милиони евра, или за да го достигнат буџетот на државното здравство, потребно е да се изградат, или подобро кажано да се менаџираат, уште по 12 вакви клиники. Замислете уште 12 клиники како “Аџибадем Систина”, 12 клиники како “Жан Митрев”, 12 клиники “Ре Медика” и 12 специјализирани болници како “Плодност”, ширум Македонија?! Македонското здравство би било водечко на Балканот, па и пошироко.

Плаќаме, а не знаеме зошто?!

Зошто ја давам оваа голема слика за здравствениот систем, а темата е тестирањето за корона вируси? Затоа што, решението на проблемот со тестирањето, аплицирано на целиот здравствен систем, би претставувало и реформа на системот. Логично се поставува прашањето, зошто ФЗО не им даде договори на сите приватни лаборатории во државава кои имаат услови за тестирање на корона вирусите? Ќе им ја признае цената која им ја признава на државните. Доколку цената во приватните е повисока, граѓаните ќе си го доплатат остатокот. Или можеби ФЗО не ја знае цената на тест во државно? И да ви кажам право, не ја знае! Оти на државните болници им плаќа одоко, ѓутуре. Плаќа по годишни програми, препишани од година во година од страна на државните болници, а не по извршена интервенција. И ги расфрла нашите безмалку 700 милиони евра. Но, тоа не е најголемиот проблем. Проблем е што не добиваме услуга за однапред собраните пари. Тоа почитувани е исто како да купите карта за некој концерт или натпревар, ама кога ќе дојдете на влез да ви кажат дека повеќе нема место во салата. Мене и тоа ми се има случено во Македонија. Вам?

Значи, проблемот во здравството лежи во недомаќинското работење на државните болници, потпомогнато од ФЗО. Или во лошото менаџирање. Видовте како приватните клиники со многу помали буџети остваруваат и добри профити, притоа даваат извонредни услуги, но и исплаќаат екстра високи плати на својот персонал.

За да се подобрат состојбите потребно е да се израмни теренот, или кажано со бизнис речник, да се направи здрава конкуренција меѓу приватните и државните болници. Мора да се знае цената која ФЗО ја плаќа за секоја интервенција на болниците, приватни или државни сеедно. На граѓаните, за нивните пари, да им обезбеди избор. Да ги стави државните болници во позиција на силна конкуренција за да ги направи поквалитетни. Секој еден што работи во државниот систем мора да си ја заработи платата.

Вака поставен здравствен систем е најголемата кражба во Македонија

Да, почитувани. Нема поголема кражба од тоа да плаќаш за нешто и на крај да не го добиеш производот или услугата за која си платил. Па на крај донесени до ѕид повторно да отидеме во банка за да си го кредитираме лечењето. Која е логиката на такви топ опремени клиники Фондот да не им додели договори за извршување на здравствените услуги? Сте се запрашале? Нема логика, има само лични (коруптивни и бизнис) интереси. Во тој случај нема министерството за здравство да објавува тендери. Нема тендери – нема провизија. И нема надувани цени за набавка на лекови и материјали од страна на приватните веледрогерии. Кои за волја на вистината се поседувани од доктори.

Решенија

Можни се две решенија. Првото, веќе го спомнав, а тоа е давање на договори за работа со фондот на сите приватни клиники, болници, амбуланти… Само со воспоставување на силна конкуренција меѓу играчите на пазарот, ова државно здравство може да опстане. Во спротивно, пропаѓањето ќе продолжи, доколку веќе и не го допрело дното.

Второ можно решение е законски да се укине задолжителното здравствено осигурување. Секој човек има право на избор, дали ќе уплаќа во некој државен осигурителен фонд или нема да уплаќа воопшто. Или пак ќе уплаќа приватно здравствено осигурување. Веќе постојат финанансиски прифатливи пакети за здравствено осигурување од страна на осигурителните компании.

Гледате дека е лесно. Ова македонско здравство може да се среди со еден потег. Потребна е само волја. И човек да не биде алчен.

Се моли министерството да не се грижи за нас, повеќе од нас самите. Министерот да прекине да биде портпарол и статистичар, туку да предлага решенија како да го подобри системот. Време е сите што работат во здравствениот систем да излезат од комфорната зона и да почнат да си ги заработуваат платите. Тогаш и пациентите ќе почнат да ве почитуваат и аплаудираат.

Дотогаш, нам ни останува да бидеме редовно на групер и купи на попуст, таму прегледите и лековите се редовно на попуст.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •