октомври 23, 2020

Невработеноста се шири побрзо од заразата

Согласно податоците објавени од Агенцијата за вработување на Република Македонија, на крајот на септември бројката на активни баратели на работа изнесува 151359 лица. Истата е поголема во однос на август за 6600 лица или за 4,4 %.

Споредено со месец февруари, со оглед на тоа дека затворањето на бизнисите поради пандемијата со Ковид – 19 се случи во март, невработеноста е зголемена за 45543 лица или бројката е поголема за цели 30 %.

Извор: АВРМ

Во просек, секојдневно од почетокот на март, АВРМ регистрира преку 200 нови невработени. Загрижувачки бројки во секој случај. Уште позагрижувачки изгледаат зимските месеци пред нас, со оглед дека во моментов нема активни владини мерки за покривање на платите во загрозените дејности, како што се угостителството, хотелиерството и општо сите дејности поврзани со туризмот, самостојните уметници итн. Но, и сите други сектори се соочуваат со намалено производство заради намалена побарувачка, така што не треба да биде човек експерт за да не предвиди дека допрва нè очекува експлозија на невработеноста.

Тешка зима е пред нас, а Владата продолжува да се “слика”. Еве помина повеќе од месец и половина од изборот, а сè уште нема ребаланс на буџетот. Протнат во собраниска процедура како да е државна тајна, но каков – таков, сепак мораше да биде донесен веднаш после изгласувањето на новата Влада. Од истото зависи и спроведувањето на новите мерки за помош за компаниите кои се најмногу погодени од здравствената криза. Неверојатно е како владата на Заев влегува тромо во решавање на проблемите во економијата, со оглед на искуството на премиерот во реалниот сектор. Или грешам?! Претходните мерки за покривање на платите мораа да продолжат во континуитет. Инаку, навистина изгледа дека беа димензионирани само предизборно.

Лошото помина, но доаѓа уште полошо. Угоре високо, удолу длабоко!!!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •