октомври 21, 2020

ПРЕСВРТ: ТВИТЕР ГИ ОДБЛОКИРА СТАТИИТЕ ЗА ХАНТЕР БАЈДЕН ОД ЊУЈОРК ПОСТ

По лавина од критики дека врши цензура, Твитер синоќа соопшти дека е укината забраната за блокирање линкови до извештајот на весникот Њујорк пост за Хантер Бајден, син на претседателскиот кандидат на САД, Џо Бајден.

Првично, од Твитер укажаа дека блокирањето на статиите на Њујорк пост е поради тоа што објавите за Хантер Бајден ги „нарушуваат правилата за неприкосновеност на личната информација“. Според весникот, објавената информација била добиена од Руди Џулијани, личен адвокат на претседателот Доналд Трамп, кој, од своја страна, ја добил од лаптоп даден на сервис во Делавер во април 2019 година, а оној што го донел компјутерот не го побарал назад.

Објавата ставена на насловната страница на Њујорк пост во четвртокот е со илустрации и текст во кои се опишуваат врските на синот на Бајден со украинската енергетска компанија „Буризма“. Од штабот на Бајден тврдат дека средбата опишана од весникот не се случила.

Критичарите, пак, сметаат дека Џулијани добил помош од руските тајни служби во објавување на материјалот во Њујорк пост.

– Вистинските документи се премешани со фалсификувана или манипулативна документација и така презентирани на новинските изданија и социјалните мрежи, кои не можат да одолеат, пишува Бизнис инсајдер, повикивајќи се на разузнавач од Естонија.

За некои американски медиуми Твитер синоќа објаси дека престанал да ги блокира твитовите со таа статија бидејќи личната информација во неа веќе станала општо позната.

– Нема повеќе да бришеме контент добиен со помош на кражба на податоци, ако тој не се предава директно од хакери или лица кои дејствуваат со нив, изјави Виџаја Гади, претставник на Твитер.

Џек Дорси, основач и генерален директор на социјалната мрежа, вчера го осуди блокирањето на контентот, порачувајќи дека наместо тоа, Твитер требал да ги одбележи твитовите како прекршување на правилата, но не да ги отстранува. Така, мрежета вчера накратко го блокираше налогот во сопственост на изборниот штаб на Трамп поради објава со видео во која се споменува статијата на Њујорк пост.

Потегот на социјалната мрежа го критикуваа сенаторите републиканци како Тед Круз, Џош Хоули и Линдзи Грем. Републиканците и претходно ја обвинуваа мрежата за цензура.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •