октомври 22, 2020

Поштата пропадна, кој ќе сноси одговорност? – Директорот молчи, Владата лош менаџер

Поштата на Македонија со години работи со милионска загуба. Откако Евростандард банка која замина во стечај, ја блокираше работата на Поштата, сега Владата бара оваа институција да се приватизира или да се склучи приватно-јавно партнерство.

Но, дали оваа работа ќе заврши толку лесно, без никој да одговара за лошото менаџирање со Поштата? Генералниот директор, Ејуп Рустеми не сакаше да се произнесе. Од канцеларијата за односи со јавноста на Поштата, ни рекоа дека не сакаат да коментираат ништо, ниту околу прашањето за приватизација, ниту пак за понесувањето одговорност. Нѐ упатија за секое прашање да се обратиме до Влада, бидејќи таа е сопственик. Го прашавме и вицепремиерот Фатмир Битиќи, но тој топката ја префрла на судските органи.

ТВ21 праша и во Обвинителството – дали имало, дали има и дали ќе се отвори предмет кој ќе испита зошто Поштата постојано работела со загуба и дали некој лошо менаџирал со неа?

„Јавното обвинителство ги следи информациите за кои покажувате интерес. Откако надлежни институции како Министерството за внатрешни работи или Управата за финансиска полиција, согласно нивните надлежности ќе документираат евентуални незаконитости кои упатуваат на сторено кривично дело, според Законот за кривична постапка, Обвинителството ќе преземе кривичен прогон“, велат од Јавното обвинителство.

Вицепремиерот Битиќи, вчера рече дека одлуката за приватизација или приватно-јавно партнерство на Поштата, Владата ја донела со консензус меѓу сите владини партнери, меѓу кои и ДУИ, чиј кадар со години раководи со Поштата, односно уште од времето кога партијата беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Битиќи вели дека причината за лошото менаџирање со оваа институција е токму фактот што повеќе ѝ служела на политиката, отколку на граѓаните.

„Мислам дека никогаш не беше избран добар модел на менаџирање. Моделот кој беше избран беше очекуван согласно барањата на политичките партии и на крај, како што рековме многупати, се покажа дека државата не е добар менаџер на јавните претпријатија“, посочи Фатмир Битиќи.

Во мај годинава, Извештајот на Државниот завод за ревизија покажа дека од 2012 година, Поштата на Македонија работи со загуба од околу 10 милиони евра, од кои 2.5 милиони се само од 2018 година. Но, и покрај ваквата состојба, Надзорниот одбор на Поштата одобри склучување договори за менаџерско осигурување за 7 директори на Поштата, што според Законот за акционерски друштва можеле да не го сторат тоа поради влошената финансиска состојба.

Извор: Тв 21

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •