октомври 25, 2020

Истражување на “Finance think” – КАКО Е ДА СЕ ЖИВЕЕ СО 126 ДЕНАРИ НА ДЕН

Ковид кризата ќе ја зголеми сиромаштијата во земјава. Денес, FINANCE THINK – Институтот за економско истражување и политики – Скопје, на брифинг за новинарите насловен „Колку Ковид-19 влијае врз сиромаштијата во Македонија?“ ги претстави резултатите од истоименото истражување.

„Кризата предизвикана од Ковид-19 силно ги погоди нискодоходовните групи граѓани кои најчесто работат на нископлатени работни места или се дел од неформалната економија, примаат социјални трансфери или дознаки од странство. Нашата анализа покажа дека заради пандемијата, стапката на релативна сиромаштија во земјава ќе се зголеми за 1,2 процентни поени, што значи дека нови 25 илјади лица се втурнати во сиромаштија за време на Ковид кризата. Резултатите за апсолутната сиромаштија се позагрижувачки и укажуваат дека заради кризата, нови 100 илјади лица ќе живеат со помалку од 5.5 долари (според паритет на куповна сила) односно 126 денари на ден“, се вели во соопштението.

Една од Владините мерки насочени кон зачувување на животниот стандард на најранливото население беше олеснување на критериумите за стекнување гарантирана минимална помош, што според истражувањето има потенцијал да извлече 24 илјади лица од екстремна сиромаштија што се дефинира како живот со помалку од 1.9 долари (44 денари) на ден. До јули годинава, потенцијалот е искористен само 65 отсто, што значи дека уште 9 илјади лица имаат можност да влезат во системот на ГМА и да излезат од екстремна сиромаштија, сметаат од Институтот.

„За таа цел, потребен е понатамошен напор од Владата за соодветно информирање на населението за новите критериуми за стекнување право на оваа помош. Дополнително, им предлагаме на носителите на политики, олеснетите услови за стекнување гарантирана минимална помош да продолжат да важат и во 2021 година, и да се воведе времен додаток на гарантираната минимална помош и времено дополнително олеснување на доходниот услов, со цел да се опфатат, покрај најсиромашните, и дел од ранливите слоеви од населението“, се вели во извештајот. 

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •