октомври 29, 2020

Сеење страв и паника

Стефчо Негриески

Некој упорно сака да нè убеди дека состојбите во македонското здравство пред пандемијава беа сјајни, а кризава со вируснава зараза да ја искористи како алиби за сите слабости во системот. Ова статистичко бомбардирање не претставува ништо друго туку класично заплашување на населението, со цел да се прикријат слабостите во здравството и економијата, но и во сите други области од општественото живеење.

Зошто мислам така? Па еве ќе ве запрашам почитувани, што со бројките кои ни се сервираат секојдневно, секако пропратени со по реченица – две заплашувања дека повторно ќе се воведат рестриктивни мерки од типот на ограничување на движењето. А тие секојдневно на прес конференции опкружени со по стотина новинари божем е предизборна кампања. Плус, отворање на нашите граници за влез на странци без направен тест. Олку заболени, онолку починати, толку оздравени. Небаре министерот е директор на Државниот завод за статистика?! Статистиката треба да претставува алатка за преземање на вистински мерки за решавање на лоша состојба. Во случајов, со соопштување на бројките на новозаразени, очигледна е намерата на здравствените власти да се створи чувство на страв и паника меѓу населението. Уште повеќе што бројките соопштени како апсолутни бројки, без притоа да се сведат на споредливи категории е чиста манипулација. Еве сега ќе пробам да ви покажам на што мислам.

На 27 јуни, од направени 870 тестирања, биле регистрирани 176 нови случаи на ковид-19. Или, изразено во проценти, 20,22 % од тестираните биле позитивни. Во тоа деноноќие починале 9 лица. Но тогаш, со летото пред нас никој не креваше паника каква што се крева деновиве.

На 11 јули, од направени 1545 тестирања биле регистрирани 199 нови случаи на ковид-19, или сведени во споредливи бројки, 12,88 % од бројот на извршени тестови биле со позитивен исход. На овој ден, починале 8 лица од компликации со ковид-19.

Ако ги споредиме овие два дена во апсолутни бројки, тогаш би дошле до погрешен заклучок дека епидемиолошката слика на 11 јули била далеку полоша во споредба со 27 јуни, а ќе се сложиме дека не е така, нели?!

На 27 август, сега веќе длабоко навлезени во журкање и уживање по македонските локали и плажи (се сеќавате верувам на сликите од Охрид), без спроведување на протоколи, направени биле 1297 тестирања, а регистрирани 131 нови случаи на Ковид-19, што претворено во споредливи бројки, изнесува само 10,1 % позитивни тестови. Починале 6 лица. Се сеќавам каква галама се дигаше тогаш, посебно после второ-августовскиот празничен викенд, дека не очекува најстрашното сценарио. Ништо од тоа! Напротив, епидемиолошката состојба на крајот на август беше најрелаксирана, а сите, или скоро сите, живеевме нормален живот.

Стравот в коски почнува да се враќа на 10 октомври. Статистиката изброја 393 нови случаи на ковид-19. Навидум навистина застрашувачка бројка, но само како апсолутна. Сведена на споредлива категорија, на бројот на направени тестови, доаѓаме до процент од 15,94 % позитивни тестови. Смртни случаи – 4. Сега вратете се на 27 јуни и кажете ми кога било полошо, тогаш или сега?!

Оваа тактика на заплашување од страна на нашите власти ја раскринкавме. За тоа, доказ се и денешните статистички податоци. Денес, од 680 направени тестови, регистрирани се 80 нови позитивни случаи, што преведено во проценти изнесува 11,8 %. Починати се 3 лица.

И ова не го кажувам за да ја потценам оваа болест. После 7 месеци од прогласување на пандемијата кај нас, здравствените власти веќе требаа да имаат извлечено заклучоци од статистичките податоци, за да ги одберат вистинските мерки за контрола на болеста, без притоа да се занемарат другите болести. Голата статистика без преземање дејствија не може да ги реши проблемите.

Очигледно, ваквото прикажување на статистиката преку апсолутни бројки се прави исклучиво со цел да се заплашат граѓаните. Но, она што не ни го кажува министерот е многу повисоката смртност во Македонија од просечната светска. Имено, СЗО пред една недела, ни соопштија дека 10 % од светското население биле заразени со ковид – 19 или корона вируси (за ова треба да се дебатира во друга прилика). Значи вкупно 750 милиони луѓе во Светов, биле во контакт со вирусот. До денес вкупно починати како последица од компликации со корона вирусите се 1,08 милиони, што значи смртноста е 0,14 %.

Ако овој процент го примениме на Македонија ќе заклучиме дека околу 200 илјади луѓе во Македонија се заразиле со корона вирусот. Со бројката од 800 починати доаѓаме до смртност од 0,4 %.

Ова е битниот момент за кој треба да разговараме. Суштината секогаш се крие во она што политичарите не ни го кажуваат. Зошто во Македонија смртноста е за 2,5 пати поголема од просечната смртност во светски рамки? Бројката на новозаразени е навистина небитна. Сега пандемијата, преку заплашување, ќе се обидат да ја искористат како алиби за понатамошно кршење на човековите права и контрола на штетите кои беа предизвикани со непотребното целосно затворање на економијата.

Таму каде што е стравот, таму живее мракот!!!

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •