октомври 25, 2020

Заев: Предложеното од Бугарија ниту е добрососедство, ниту братство, но верувам дека тоа не е став на мојот пријател Борисов

Премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја посетата на министерот Бујар Османи во Софија истакна дека разговорите помеѓу Османи и бугарскиот премиер Бојко Борисов биле добри, но разговорите помеѓу бугарската министерка Екатерина Захариева и Османи не поминале баш добро.

-Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која ја очекуваме во декември. Но, јас верува дека тоа не став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме сè овие претстојни денови да изнајдеме решение, рече Заев.

Премиерот порача дека земјава ја прифатила заедничката историја како нешто што е составен дел од нашето минато, но и дека Северна Македонија, исто како и Бугарија, има и своја посебна историја.

Сепак, тој очекува дека со бугарскиот колега Борисов, ќе успеат да најдат решение, како што се пронајде за пет историски личности или три историски периоди кои заедно ќе се чествуваат.

-Верувам овој следен четврти период ќе го решиме. Одличен мегдан е нашиот историски, заеднички јунак Гоце Делчев за да нè сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат затоа што нашиот сон е Европа која го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и во нашите соседи, рече Заев.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •