октомври 29, 2020

Не сте сами, охрабрете се да побарате психолошка помош! Менталното здравје е во криза, вели психотерапевтот Хаџиванова

Корона-пандемијата го конфронтира светот и донесе загуби кај сите возрасни категории, предизвици на многу нивоа, а фокусот на менталното здравје сега е поважен од кога било. Стресот, тагата, промените и хроничната егзистенцијална неизвесност донесоа очекуван бран на дестабилизација на психолошката состојба кај многу граѓани. Пролонгираниот стрес, социјалната изолираност и потребата од огромни долготрајни адаптации си го земаат својот данок, а најважната работа во овој период е грижата за психо-физичко здравје и за здравјето на најблиските, вели м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт во „Неокортекс“, центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

Денес е Светски ден на менталното здравје, на кој се истакнува важноста и потребата од грижа за него.

– И не само овој ден, тоа е потребно секој ден, како за себе така и за нашите најблиски. Со оглед на тоа низ каква интензивна глобална пандемична криза минуваме, годинашната тема е со фокус на поголема инвестиција во менталното здравје на сите, и достапност на услуги врзани за грижа и третман бидејќи глобално ментално здравје е во голема криза! – вели Хаџиванова.

Стрес, анксиозност, депресија…

Психолозите бележат видливо нагло зголемување на анксиозните реакции и растројства и депресивност кај луѓето, чија преваленца беше висока и пред оваа криза.

– Забележително е и влошување на психолошката состојба кај лицата и со другите ментални растројства и хронични состојби, на кои им ја нудиме нашата стручна поддршка. Но, голема е и појавата на барање стручна помош од индивидуи кои првпат се соочуваат со изразени психолошки тешкотии и реакции. Пролонгираниот стрес, социјалната изолираност и потребата од огромни долготрајни адаптации си го земаат својот данок. Со пандемијата и неопходната физичка изолација и дистанца се отежнаа природните потреби на човекот за социјална интеракција. Економската криза и финансиските тешкотии се исто така важен фактор кој доведе до силен ментален дистрес во многу семејства, и ја зголеми вулнерабилноста кај многу од нас – објаснува Хаџиванова.

Таа потенцира дека е значајно навреме да се препознаат тешкотиите и да се побара помош за себе или за блиски, особено кога станува збор за деца или за адолесценти затоа што и тие се значително засегнати во овој период.

– Најважната работа во овој период е континуираната холистичка грижа за своето психо-физичко здравје. Во истото е вклучено и многу важно навременото препознавање на какви било психолошки, емоционални и бихевиорални тешкотии кај себе и своите блиски. Навремената детекција и барање стручна помош е прогностички многу значајна. Тоа ќе спречи продлабочување на симптоматологијата, исцрпување на его-силите и побрзо враќање на изгубената животна функционалност. Навремената психолошка поддршка и психотераписки третман ќе придонесат за побрза санација на ескалираната напнатост, анксиозност и паника, враќање на волјата кај личноста и подобрување на животната прагматичност и задоволство, и на професионален план и на план на семејство – вели психотерапевтот.

Сите ги чувствуваме животните предизвици

Психолозите се задоволни оти луѓето кај нас сè повеќе се охрабруваат да побараат психолошка помош и полека се урива табуто за тоа, но велат и дека сè уште сме далеку од потребното ниво. Хаџиванова вели дека особено е потребно активно соочување со своите тешкотии и животни предизвици, кои годинава ескалирано ги чувствуваме сите.

– Согледуваме дека низ секојдневната практика во центарот, со стручниот тим, имаме можност да им помогнеме на сè повеќе клиенти кои и покрај претходно постојните стереотипи, предрасуди и стравови во врска со посетата на психолог, сега покажуваат зголемена свесност и храброст да побараат стручна помош и третман, сами или со своите семејства заедно. Технологијата периодов е од голема корист и нудејќи ги психолошките услуги и онлајн во форма на телетерапија, достапни сме и за лицата што актуелно се соочуваат со болеста и оние што се во себеизолација и се со предизвик да се справат со стресот од добиениот позитивен резултат – вели нашата соговорничка.

Понудете разбирање, охрабрување и поддршка

Како што е важно да се детектираат сопствените тешкотии, така е важно да се детектираат промените и кај најблиските. Доколку забележите психолошки тешкотии кај близок, Хаџиванова советува да започнете отворена и искрена дискусија со него и да ги изразите вашите грижи.

– Можеби не секогаш можеме некого да принудиме да прифати професионална помош, но секогаш може да му се понуди разбирање, охрабрување и поддршка. Секако дека постојат случаи кога треба да има инсистирање од семејството за посета и примање стручна помош за индивидуата, а во случаи кога има огромен отпор кон прифаќање неопходен третман, може да се побара совет од стручните лица во врска со тоа. Често може да се помогне и со тоа што вие, во име на ваш близок, би нашле квалификуван професионалец за ментално здравје, би закажале средба на која можете да го придружувате својот близок, кој во моментот е со исцрпени ментални сили – објаснува психотерапевтот.

Долга беспомошност, тага, лутина, страв – знаци да побарате помош

Често е во овој период луѓето, и покрај нивните најдобри и најголеми напори и обиди, да се чувствуваат беспомошни, тажни, лути, раздразливи, безнадежни, вознемирени или преплавени од страв. Може да се соочуваат и со когнитивни тешкотии и проблем да се концентрираат на типични работни задачи, или се соочуваат со промени во апетитот, болки во телото, отежнато спиење или можеби се борат да се соочат и со едноставните рутински секојдневни обврски.

– Кога овие знаци и симптоми траат неколку дена или можеби и недели по ред, прават личноста да се чувствува исцрпено и предизвикуваат отежната функционалност во секојдневниот живот, можеби е време да се побара стручна помош, и тоа треба да се стори без срам и двоумење – советува психотерапевтот.

Ќе бидеме ли раат кога ќе помине пандемијата?

Голем број од луѓето очекуваат дека сегашните силни чувства ќе исчезнат кога ќе заврши пандемијата, и кај некои навистина ќе се случи тоа.

– Кај дел од луѓето, за жал, пролонгираниот стрес нема да исчезне веднаш со завршувањето на здравствената криза предизвикана од Ковид-19. Затоа е од исклучителна важност да се преземаат континуирани практики на грижа за своето ментално здравје, добра кохезивност во семејствата, разбирање за различните стилови за справување со стресот, и секако навремено барање стручна помош со која би се работело и на трајно зголемување на својата резилиентност и способност за справување со сегашните, но и идни животни предизвици – додава Хаџиванова.

fakulteti.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •