октомври 31, 2020

Глутници кучиња напаѓаат во Струга

Проблемот со кучињата скитници во Струга и по многу години останува. Стружани загрижени за нивната и безбедноста на своите најблиски од глутниците, кои ги демнеат секојдневно, насекаде низ градот.

Посебна загриженост кај населението предизвикуваат големите раси, кои често манифестираат агресивност.

– Полна е чаршијата со кучиња скитници. Лаат, трчаат по луѓето, страшно е… Ми се нафрлија мене, големи расни кучиња, едвај се одбранив. Но што ќе се случеше да беше дете, вели изреволтирана стружанка.

Дека кучињата скитници претставуваат проблем, не само за луѓето, туку и за животните, говори жител на струшкото село Враништа, кој посочува дека му правеле големи штети на домашните животни.

– Глутници кучиња има во градот, но и во селата и навистина претставуваат опасност, како за луѓето, така и за домашните животни. Нешто мора да се преземе, посочи тој.

Проблемот со бездомните кучиња ги засега и туристичките работници. Хотелиерите повеќе пати апелираат за решавање на овој проблем на охридско-струшката ривиера. Забележуваат дека во лето кучињата скитници доаѓаат на плажа и ги вознемируваат туристите.

Со години во Струга се зборува за изградба на стационар за хумано згрижување и отстранување од градските улици на бездомните кучиња, но досега, според шефот на Кабинет на градоначалникот на Општина Струга Дашмир Насуфи, нема соодветно решение.

– Треба да се направи регионално, заедно со другите градови, стационар за третман на овие кучиња. Ние имаме направено тим заедно со експерти да поднесеме до Владата барање да ни излезе во пресрет за хуман третман на кучињата, информира Насуфи.

Последните години граѓаните охрабрени од институциите почнале да пријавуваат напади од бездомни кучиња. До Јавното претпријатие „Комунално” процесуирани се 20-тина тужби од нападнати граѓани.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •