октомври 29, 2020

Адвокатот Влатко Илиевски контра министерот Маричиќ: Судот во Стразбур нѐ повикува на пријателска спогодба до 18 декември

Првата апликација до судот во Стразбур била поднесена од поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талевски пред три години, на 3 ноември 2017 година. Потоа следувале уште пет тужби од Македонија поврзани со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Влатко Илиевски, правен застапник на десетте поранешни функционери кои ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за Плусинфо вели дека првата апликација до судот била поднесена од поранешниот градоначалник Владимир Талевски пред три години, на 3 ноември 2017 година. Во истиот месец само неколку дена подоцна во Меѓународниот суд стасале уште пет тужби од Македонија поврзани со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Во 2017 година тужби во судот во Стразбур поднеле и Никола Груевски, поранешен премиер, Тони Јакимовски, поранешен шеф во УБК, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка, Тони Трајковски, поранешен градоначалник, како и Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец.

Една година подоцна на 27 јуни 2018 година во судот е заведена и тужбата од Сашо Мијалков, поранешен шеф на УБК. Токму овие факти, посочува Илиевски, ја демантираат изјавата на министерот за правда Бојан Маричиќ дека судот во Стразбур сега ја почнува постапката за обвинетите или осудените во предметите на поранешното СЈО со која се проблематизираат судските постапки кои се водат во државава од аспект на аболициите на Иванов. Напротив, вели Илиевски, Меѓународниот суд во Стразбур сега им посочува на двете страни пријателско спогодување.

– Со оглед на фактот што првата апликација во Европскиот суд за човекови права е поднесена во ноември 2017 од страна на Владимир Талевски, не може да се каже дека постапката сега почнува. Судот за сето тоа време правел оцена на фактите и аргументите и нѐ повикува на пријателско спогодување до 18 декември годинава – вели адвокатот Илиевски и сопруг на поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

Тој вели дека не може со оптимизам да гледа на претстојното пријателско спогодување со државата со оглед на изјавата на министерот за правда во која се обидува, како што оценува Илиевски, да ја релативизира вистината за постапката која се води пред Меѓународниот суд.

– Се надевам дека ќе ме демантираат со нивна добра намера, побарав средба со претставник од Бирото за застапување на државата пред Европскиот суд за човекови права, но изјавата на министерот за правда не оди во прилог на оптимизам во очекувањето дека државата ќе има добри намери – вели Илиевски.

Јелена Ристиќ, адвокатка и професорка на Универзитетот „Американ колеџ“ вели дека секоја пресуда и одлука на судот во Стразбур, без оглед дали со неа се утврдува или не се утврдува повреда, праќа сигнал до засегнатата држава за постоењето на определен проблем во правниот систем или за отстапување од минималните стандарди за заштита на човековите права гарантирани со Конвенцијата за заштита на човековите права и нејзините протоколи. Во оваа смисла, вели професорката Ристиќ, пресудите и одлуките на Судот во однос на Македонија претставуваат одраз на состојбите во определени сегменти од целокупното општествено живеење, вклучувајќи го судството, администрацијата, правните политики и слично.

– Со други зборови, тие се огледало на нивото на развој на конвенциските стандарди и претставуваат важен патоказ за подобрување на правото и зајакнување на правдата во нашата држава – вели Ристиќ.

Според досегашната практика на Европскиот суд во Стразбур спорот би можел да трае најмногу од 1,5 до две години, по направената комуникација меѓу државата и меѓународниот суд по што би требало да следува пресуда.

Како што објавивме претходно, откако ќе биде доставена жалбата пред Стразбур и ако судот утврди дека е допуштена, ја известува владата да достави писмени наводи за допуштеноста и основаноста на сите или на дел од жалбените наводи во рок од 16 недели. Потоа, наводите на владата се доставуваат до жалителот на одговор во рок од 6 недели со барање за правичен надоместок.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •