октомври 21, 2020

Законот за антидискриминација конечно ќе влезе во Собрание

Законот за антидискриминација со европско знаменце и како шестта точка е поставен на денешната 15-та пленарна седница на Собранието.

Вакумот во правната сфера за овој акт како слабост на општеството е нотиран и во најновиот извештај на европската комисија. Владата е свесна за потребата од носење на овој закон, затоа што претходниот беше поништен од уставниот суд поради процедурални грешки за време на неговото носење.

-Ден поскоро, законското решение треба да биде донесено во законодавниот дом низ една демократска процедура согласно деловничките одредби. Ова законско решение доби поддршка од меѓународните институции, Венецијанската комисија, вели министерката Шахпаска.

Шахпаска ја повика и опозицијата да учествува во изгласувањето на овој закон бидејќи е според европски терк и е консултиран со венецијанската комисија.

Со законот се забранува секаков вид на дискриминација, врз основа на раса, боја на кожа, сексуална, етничка и многу други основи кои ги маргинализираат граѓаните, па затоа е од исклучително значење, смета пратеничката Маја Морачанин

-Овој закон е од исклучително значење за заштита и спречување на дискриминацијата на нашите граѓани и унапредување на човековите права и слободи. Се разбира се однесува на сите граѓани од општеството, но е од особено значење за маргинализираните групи, истакна Маја Морачанин.

Невладините организации се исто така едногласни за што побрзо носење на законот, а тие воедно ќе поднесат и амандман до собранието за транспарентен процес во изборот на комисијата која ќе ја детектира дискриминацијата. По ова прашање добија поддршка и од пратеничката Морачанин.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •