октомври 22, 2020

Трамп: Денес излегувам од болница, не плашете се од короната

Претседателот на САД, Доналд Трамп е во воената болница Валтер Рид повеќе од два дена, каде беше хоспитализиран откако е потврден коронавирус и откако почнал да чувствува симптоми на болеста.

Вчера, тој ненадејно излезе од болницата за кратко време за да се прошета со својот џип, и да ги поздрави поддржувачите кои се собраа пред болницата.

Ова предизвика нови остри критики. Најжестока е онаа на докторот кој работи и во болницата Валтер Рид, Џејмс Филипс.

„Секоја личност во автомобилот за време на тој непотребен претседателски излет сега треба да биде во карантин 14 дена“, напиша на Твитер Џејмс Филипс, лекар и професор по итна медицина на Универзитетот Џорџ Вашингтон. “Тие би можеле да се разболат. Може да умрат. Поради политичко шоу”.

Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, го опиша излегувањето на Трамп од болницата како „кратко возење во моторизирана поворка за да им мавта на приврзаниците“ и додаде дека Трамп многу брзо се вратил во болницата. Дир истакна дека „се преземени соодветни мерки на претпазливост“ пред возењето за да се заштити претседателот и оние што го поддржуваат. „Потегот беше одобрен од медицинскиот тим“, додаде тој.

Но, тоа не ги спречи бројните критики дека Трамп го загрозил здравјето на другите луѓе поради ефтини политички поени.

Сенаторот Брајан Шац, демократ од Хаваи, додаде дека „се моли за здравјето на припадниците на Тајната служба, кои биле во придружбата на Трамп: им е јасно дека ризикот е дел од нивната работа, само што не треба да се доведуваат во ситуација да мораат да размислуваат за својата безбедност што им се заканува од лицето што го заштитувате “. Во друг твит тој напиша: „ Ковид Парада“.

Претходно вчера, лекарите дадоа нови контрадикторни информации за состојбата на Трамп.

Тие рекоа дека тој двапати губел воздух, што е спротивно на некои претходни изјави и потврдува дека вистинската состојба на Трамп била скриена и дека ја добил првата доза на дексаметазон, која обично се дава на луѓе кои имаат проблеми со дишењето.

Но, во исто време, тие рекоа дека немал проблеми со дишењето, дека се чувствува подобро и дека може денеска да биде пуштен од болницата.

Трамп се огласи на Твитер. Тој вели дека денес излегува од болницата.

„Ја напуштам болницата денес во 18:30 часот. Се чувствувам навистина добро! Не плашете се од коронавирусот. Не дозволувајте да доминира во вашиот живот. Под администрација на Трамп, развивме одлични лекови и знаење. Се чувствувам подобро отколку пред 20 години “, напиша тој.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •