октомври 29, 2020

Собранието започна да исплаќа патни трошоци за новиот состав – Рабаџиевска Наумовска ја предводи листата

Македонското Собрание започна да ги исплаќа вонредните трошоци кои не се дел од бруто-плата на пратениците од новиот собраниски состав, а според она што може да се види тука повторно меѓу предводниците ќе биде Бети Рабаџиевска Наумовска. На сметката на народниот претставник од Ресен се исплатени 26.195 денари.

Инаку пратеничката на СДСМ во изминатиот деветти по ред парламентарен состав, во трошоците за патни трошоци, станови, комунални услуги и патувања во странство кај Собранието, несметајќи ги редовните плати, беше втора со 45.918 евра, зад Алија Камберовски од ПЕИ со 47.450 евра.

Новата пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова, има исплата од 20.465 денари и избраничката од Гевгелија е на второто место зад Рабаџиевска Наумовска според трансакциите кои се забележани изминатиот четврток. Пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди кој патува од Струга и кој за минатиот тригодишен мандат зема 42.261 евра, овој пат е на третото место со 19.982 денари. 

Следуваат Жаклина Лазаревска (СДСМ) од Охрид со 17.918 и новајлиите од ВМРО-ДПМНЕ – Дајанчо Ефтимов од Василево со 16.880 и стоматологот Кирил Пецаков од Охрид со 15.416 денари. Искусниот пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, добил 15.390, а по него е новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, со 14.490 денари. Со повеќе од 10.000 денари почетен „бонус“ се уште и Лидија Петкоска, Соња Михаиловска, Здравко Трајанов, Ели Панова, Зоранчо Јованчев, Јован Јаулески и Олга Лозановска, итн.

Пред три недели спикерот Талат Џафери најави дека доколку од Владата пристигне предлог во форма на закон за намалување на патните и другите трошоци на пратениците, ќе бара тоа да важи и за сите функционери бидејќи не сака да дозволи од Собранието, како што рече тој, да се прави карикатура, а пратениците да се претставуваат како извор на зло.

Игор Јанушев, доскорешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, останал доследен на зборот и не пријавил трошоци кога патувал од Велес, откако реално беше единствениот до сега кој јавно се откажа од ова право. Претходно така се декларираа и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и партискиот лидер Зоран Заев, но во меѓувреме тие станаа членови на Владата.

Пратениците уверенијата за своите мандати од Државната изборна комисија ги добија на 25 јули, а на 21 август Собранието започна со работа со изборот на Талат Џафери за старо-нов претседател.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •