октомври 20, 2020

Реакција на Комора на угостители: Угостителските објекти не се причина за зараза, туку оправдание за избегнување на одговорноста од погрешните мерки

Што правиме ако бројките на заболени и понатаму растат? Која ќе биде причината тогаш? Дали ќе имаат доблест и смелост да се извинат и да ја надоместат штетата што ја прават на угостителите д-р Караџоски и министерот Филипче и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза, туку оправдание за избегнување на одговорноста од погрешните донесени мерки и генерални препораки за спречување на коронавирусот, прашуваат од Независната угостителска комора.

-И повторно без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата,  Караџовски злоупотребувајќи ја Комисијата за заразни болести, самоволно, поради само десетина неодговорни угостители и угостителски објекти одлучи да казни 6.500 угостители со 35.000 вработени. Наместо да изработат и предложат или ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, КЗБ со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика појава на непотребни протести и угостителска криза – велат во соопштение од комората.

Според нив многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести да излезе во пресрет на барањата на Директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на ДПИ – Државниот пазарен инспекторат.

-Таквото решение и нова ригорозна казнена политика за непочитување на протоколите ќе овозможи инспекторите од ДПИ веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат. На секој од нас му е јасно дека новите ограничувања односно промена на протоколите за работа нема да го решат зголемениот број на заболени. Свесно ги поттикнуваат и приморуваат младите и гостите од угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава. како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без апсолутно никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје. Ако некогаш херојство било да се даде животот за подобра иднина на општеството, денес ХЕРОЈСТВО претставува масовно кршење на правилата и законите и загрозување на што повеќе животи. Решенијата и работењето на Комисијата за заразни болести не доведе во ситуација во која борбата за кој е попаметен и поспособен со традиционалните човечки вредности да ја изгубат секоја вредност. Веќе не е битно дали си доследен на сопствениот збор, дали ги почитуваш и респектираш законите и колегите денес СЕ ПОКАЖА побитно е дали и колку повеќе можеш да навредиш, што повеќе да прекршиш од важечки закони, препораки и протоколи и со тоа да станеш „главна медиумска фаца” дека не само што си над сите нас, туку и над сите важечки закони и над општествени правила- стои во соопштението.

Од друга страна да не заборавиме, велат оттаму, дали се само „угостителите” се одговорни и виновни за т.н. големи настани. Ниеден угостител или угостителски локал самостојно од продадени карти и пијалоци со овие протоколи за работа не може да ги покрие трошоците на гостување на познати естрадни пејачи и DJ од соседството.

-Дали друштвата кои спонзорираат пејачи како Владо Георгиев – ТИКВЕШ, САМАНТА, ПЕЛИСТЕРКА, RED BULL, TESORO, BWI – Best Way Investment кои себеси се сметаат за општествено одговорни фирми од една страна не треба да сносат подеднаква кривична одговорност со угостителите аа поттикнување и заедничко здружување за допринесување во организација за ширење на заразни болести? И за крај да не се залажуваме дека новите донесени промени во протоколите за работа на угостителски објекти нешто ќе променат кај оние за кои истите не постојат. НЕМА! Нема затоа што поголемиот дел од пријавите и записниците ќе немаат судска завршница. Новите промени во протоколите за работа ќе ги потикнат најзагрозените естрадни уметници и угостители да тргнат заедно во борба за своите права и слобода на работа што ќе предизвика континуирана граѓанска непослушност и протести со кои ќе се срушат сите изградени мостови на комуникација и можност за надминување и решавање на проблемите по пат на дискусии и дебати- велат оттаму.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •