октомври 29, 2020

Он – лајн пропаѓање

Стефчо Негриески

Господ му ја изнајмил Земјата на ѓаволот, но после некое време ѓаволот му ја вратил истата таа Земја назад;

Господ не сакал да ја земе!

Што сакаше да каже министерката за образование на прес – конференција пред некој ден, кога запрашана ” Како децата кои немаат компјутери или интернет ќе пратат он – лајн настава, и зошто МОН во месеците кои поминаа не створи услови за сите подготвени да влезат во процесот”, како од пушка одговори “Не ме прашувајте мене за лошите состојби во образованието!”. “Гром од ведро небо” е ваквата ароганција на министерката. Чиниш пред неа не постоело МОН, не постоело образование и наука, или па таа е “одбраната” која преку ноќ треба да ги среди состојбите во овој есенцијален сегмент од општественото живеење.

Глупаво е јас да пишувам колумна за сите работи што се случија од март навака во нашето образование, бидејќи не сум стручен за оваа област. Но, гледам дека тие што работат во образовниот процес и коишто се најповикани да изразат свое видување на работите, воопшто не дебатираат, или па не пишуваат текстови за состојбите во системот во кој работат и остваруваат егзистенција (чест на ретките исклучоци). Или се поделени во партиски табори, па во таборот на Царовска секоја нејзина одлука се пречекува со егзалтација, спротивниот само напаѓа, а не нуди свои решенија. На крајот на краиштата, ќе си земам за право да напишам неколку редови со оглед на тоа дека сум родител, а одлуките на МОН или на министерката, директно ги засегаат нашите деца, сега, а богами и целиот нивен живот. Но, ако сакате и на човештвото, затоа што со површно образувани луѓе, на оваа планета судбина и е – да пропадне. Интересно во целиов хаос со почетокот на школската година е, врз основа на кои аргументи е донесена одлуката за настава од далечина?

Единствениот аргумент на министерството е дека со останување на децата дома, ќе се успори ширењето на заразата со Ковид – 19 или коронавирусите. Без никаква анализа на епидемиолошката состојба меѓу младата популација. Анализа и не може да се направи, оти летото се искористи за изборна кампања, па многу малку или воопшто не се направија скрининг тестирања. Македонија и после шест месеци од почеток на епидемијата нема никакви истражувања или студии, научни секако, како оваа зараза се шири и колку е опасна по животот на младата популација?! Секој ден слушаме само статистики, позитивни толку, починати онолку, оздравени… Истото очигледно се користи за заплашување на народот. Зошто е битно да знаеме дека некој се заразил и што со тој податок?

МОН исто така не спроведе ниту анкета помеѓу родителите на учениците, како што беше спроведена во повеќето земји од регионот, па да го земе и нивното мислење како сосем кредибилно при носењето на одлуката. Исто така, не ги зеде во предвид ниту тврдењата на многу основни и средни училишта дека можат да спроведат настава со физичко присуство, а притоа да не се доведат учениците во поголем ризик од оној на кој се изложени при нивните дружења. Значи, се работи за одлука донесена од Кралот, во случајов Кралицата, без уважување на било какво друго мислење, стручно или од самите учесници во образовниот процес. Крајно авторитарно, но тоа не е изненадување.

Но, сега доаѓаме до главниот проблем. Како ние како родители, да им објасниме на нашите деца дека игротеки и градинки можат нормално да функционираат, преполни ноќни барови да работат до раните утрински часови, дека летото се сунчавме и капевме на преполни плажи, банките сè уште ги собираат на купче сите стари над 60 години, ние да одиме нормално на работа и да бидеме во контакт со стотина луѓе секој ден, а тие не можат да посетуваат настава? Тешко е за објаснување затоа што мерките се контрадикторни една на друга. Дали е поопасно на училиште или во ноќен клуб? Или во градски превоз каде нема никакви ограничувања, затоа што во автобусите е тесно. Секој секому дише во врат. Што дека децата ќе ни седат дома и наводно учат, кога сите ние кои одиме на работа може многу лесно да го однесеме вирусот дома?! Или самите да се заразат при дружењето со другарчињата. Јас тврдам дека училниците се најбезбедното место за нашите деца. Проблем е сега министерке, што вие не сакате одговорност, но многу повеќе ми се чини дека сакате да штедите?! Ова те прашуваме министерке Царовска во името на нашите деца, не затоа што сакаме, туку друга инстанца немаме. Нажалост.

Бидејќи нема доволно научни истражувања кај нас, доволно е да се погледнат примери во соседството. Србија, случајно одбрана бидејќи заедно со нас предничеше во рестриктивните мерки против пандемијата при првиот бран, овозможи настава со физичко присуство од 1 септември. Како што е ред. Еве помина повеќе од месец дена, наставата тече нормално, а Србија има многу подобри резултати (новозаразени, смртни случаи) во справувањето со пандемијата. Отсекогаш сум мислел дека луѓето полесно ќе ги убедиш на разум со објаснување, отколку со репресија. Таму, августот, уредно беа испратени анкетни прашалници до родителите и нивното мислење беше уважено од дотичното министерство. Затоа, немој да се чудите што учениците кај нас, поддржани од родителите, ви најавуваат бојкот на он – лајн наставата. Со сила убавина не бидува!

И на крај секако, не е за занемарување и пуштањето во употреба на Националната платформа за он – лајн учење, како што си ја викате вие, без претходно тестирање и проверка на квалитетот на истата. Па затоа ви се јавуваат проблеми, ви паѓа системот, но и голем дел од корисниците од двете страни на таа платформа се информатички неписмени.

Дали он – лајн наставата може да е алтернатива за класичната

Не дека нашиот образовен систем беше нешто квалитетен и пред кризата. За лошите состојби во овој сектор зборуваат многу интернационални рангирања, на кои македонското образование е веќе надминато и од многу афрички земји. Впрочем, државниот универзитет “Св. Кирил и Методиј”, веќе и не се спомнува на Шангајската листа. Без пласман, што би рекле со спортски жаргон. Затоа Македонија и е сиромашна земја. Но пандемијата дојде како “кец на десетка”, алиби за сите промашувања овие 30 години. Нашите деца и до сега стекнуваа површно образование, мнозинството учејќи за оценки, а не за знаење. Сега, он – лајн наставата само ќе го продлабочи незнаењето. Дете на кое не можете да го мотивирате да се фокусира на слушање при час со физичко присуство, како ќе му го задржите вниманието да ве слуша преку лап – топ? Би рекол невозможна мисија!

Сега, замислете го вашето дете како доктор, а никогаш не влегло во лабораторија?! Или, микробиолог кој што никогаш не гледал низ микрокоп?! Хемичар без направен опит?! Или и тоа ќе ни наредат да купиме? Микроскоп ајде, ама лаборатирија? Или ако сакате адвокат, без никогаш да не го осетил чувството да говори пред маса луѓе во амбиент како во судница? Кога ќе отидете на стари години на лекар, немој да се чудите дека лекарите постанале писари!

Тврдам, дека он – лајн наставата не може и не смее да претставува опција за образовниот процес, туку само лоша алтернатива во вакви општества какво што е нашето.

Затоа Господ не ја сака Земјата назад во богомилската приказна. Сега е, да се биде ил не?!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •