октомври 19, 2020

Независната угостителска комора: Доброволно ќе ги затвориме објектите

Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК) по вчерашното донесување на најновите владини мерки.

НУК смета дека новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје.

-Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но, што ако КОВИД-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да се признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот, наведува претседателот на Комората, Здравко Јосифовски во дописот до медиумите.

Според него, повторно, без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата, д-р Караџовски, злоупотребувајќи ја Комисијата за заразни болести, самоволно, само поради десетина неодговорни угостители и угостителски објекти, одлучи да казни 6.500 угостители со 35.000 вработени.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •