октомври 27, 2020

Рашковски и Василевска се сретнаа на суд за набавката на системот на контрола на летање

Во скопскиот граѓански суд започна судскиот процес инициран од се уште актуелниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој поднесе тужба за клевета против пратеничката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, во врска со обвинувањата за набавката на АТМ-уредот на М-НАВ. Рашковски и Василевска за Фокус потврдија дека вчера се одржало првото рочиште, на кое двајцата, во друштво на нивните адвокати, ги дале своите искази пред судот.

-Рочиштето се одржа по тужба за клевета за изнесени клевети и навреди за набавката на АТМ-уредот на М-НАВ – рече Рашковски, без да даде поопширен коментар. Според Василевска, пак, не постои никаков основ за поведената постапка, оценувајќи дека оваа судска постапка претставува притисок на власта врз опозицијата. Таа не чувствува вина и очекува ослободителна пресуда.

-Ваквиот граѓански спор не може да биде предмет на расправа и поради фактот што Основното јавно обвинителство се уште нема започнато со истрагата околу изнесените индиции за наводна инволвираност на генералниот секретар во Владата во нелегални дејствија. Јас сепак верувам и сакам да се почитува пресумпцијата на невиност на мојот колега, за кој сум сигурна дека доколку истиов предмет се испита и се докаже во ОЈО, би можело дури тогаш да се процени дали и колку му е нанесена штетата преку медиумите, а со тоа и на нас како опозиција – вели Василевска.

Инаку, Рашковски ја покрена судската постапката по повод минатогодишните прес-конференции на Василевска, која во име на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изнесени обвинувања во врска со милионската набавка на системот за управување со воздушниот простор (АТМ-систем) од италијанската фирма „Леонардо“.

Откако беа објавени аудио-материјали на кои се слуша гласот на Рашковски, Василевска побара Јавното обвинителство да покрене постапка, бидејќи, според неа, смимката открива дека Рашковски, по налог на премиерот Зоран Заев, договора аванта од 7 милиони евра со фирмата „Леонардо“.

По објавувањето на оваа аудио-бомба, врз основа на која беа темелени настапите на опозицијата и Василевска, Рашковски одржа прес-конференција, на која ги отфрли сите обвинувања за корупција и воедно најави кривична пријава за „свиркачот“ од Македонска навигација, како и тужби за новинари што први ја пренесоа веста.

Што се однесува до предметот на оваа набавка, АТМ-системот (Аir traffic management) е примарен систем на контролата на летање, преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ, т.е. давање на услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор.

„Новиот АТМ систем овозможува одржување на безбедноста на највисоко ниво, усогласеност со најновите технолошки стандарди, придонесува за подигнување на капацитетите, зголемување на ефикасноста на целиот систем и воедно ќе овозможи способност за успешно справување со очекуваниот зголемен обем на сообраќај“, соопштија од М-НАВ по потпишувањето на договор со „Леонардо“ во 2018 година.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •