октомври 21, 2020

Страшно невреме во Франција и Италија (видео)

Двајца мртви, уништени патишта и стотици куќи. ДВЕ лица загинаа, а девет се водат како исчезнати во Франција и Италија, откако невреме ги погоди граничните области на двете земји, предизвикувајќи големи поплави што ги оштетија патиштата и домовите, соопштија властите.

Бурата Алекс опустоши неколку села околу градот Ница на француската ривиера. Додека хеликоптерот леташе над најтешко погодените области, градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси рече дека станува збор за најтешката поплава во повеќе од сто години. „Бројни патишта и околу сто куќи се целосно или делумно уништени“, изјави тој за францускиот ТВ канал БФМ. „Бев шокиран од она што го видов денес“, рече францускиот премиер Жан Кастекс на прес-конференција по обиколката во погодените области, додавајќи дека се плаши дека бројот на жртвите може да биде уште поголем. Според информациите со кои располагаат властите, досега најмалку осум лица исчезнаа во Франција. Меѓу нив има и двајца пожарникари чие возило го однела надојдена река.

На ТВ-снимките од двете земји се забележува порој на вода кој уништува повеќе патишта и куќи, и руши неколку мостови, а реките се излеваат од нивните корита.

Локалните власти известија дека најмалку две лица загинаа во Италија, еден пожарникар кој паднал од дрво и еден маж на околу 30 години чиј автомобил завршил во надојдена река која однела дел од патот.

Уште се трага по друг италијански државјанин, а 21 лице, за кое претходно се стравуваше дека ќе се водат како исчезнати, се пронајдени и сега сите се безбедни. Меѓу нив имаше и група германски планинари. Официјални лица во Пиемонт известија за рекорден дожд од 630 мм, за само 24 часа во Самбугето, во близина на границата со Швајцарија.

Регионалните власти во Пиемонт ја повикаа италијанската влада да прогласи вонредна состојба откако нивото на реката По се зголеми за три метри за само 24 часа. Метео Франс објави дека во Сен Мартин-Везубие паднале 500 мм дожд во последните 24 часа, а во неколку околни градови врнежи од 400 мм, што е еквивалентно на количината на дожд што паѓа за три месеци во овој период од годината.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •