Доналд Трамп на лекување во воена болница

Американскиот претседател со „лесни“ симптоми Ковид-19 беше префрлен во воена болница во близина на Вашингтон, каде продолжува со извршување на функцијата. Тоа, како што беше соопштено, е мерка на претпазливост.
Претседателот на САД, Доналд Трамп поради заразувањето со коронавирусот е префрлен во воена клиника. Тој напуштајќи ја Белата куќа на присутните новинари им покажа „палец нагоре“ и ги поздрави со раката. Трамп со маска на лице и во придружба на соработници помина неколку метри одалеченост до хеликоптерот со кој потоа беше префрлен во воената болница Валтер Рид во Бетезда, северно од Вашингтон.

„Мислам дека ми оди многу добро“, рече Трамп во кусата видео порака снимена во Белата куќа, која ја објави на неговиот Твитер профил. Тој, како што рече, поради претпазливост заминува во болница. Неговата сопруга, како што додаде, се чувствува „многу добро“.
Оваа видео порака беше објавена кога хеликоптерот на Трамп слета во болницата, а 50 годишната прва дама остана во Белата куќа.
Од Белата куќа соопштија дека засега нема да го менува потпретседателот Мајк Пенс, кој по автоматизам би требало да ја преземе неговата функција, доколку Трамп не може да ги извршува своите службени должности. Пенс имаше негативен тест на коронавирусот.