јуни 7, 2023

Сега ВМРО-ДПМНЕ кривично ќе го гони некогашното СЈО

ИК на опозициската партија донел одлука да се формира правен тим кој ќе подготви кривични пријави и тужби за злоупотреба на 4,6 милиони евра.

Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ ќе состави правен тим кој ќе подготви кривични пријави и тужби за злоупотреби во некогашното Специјално јавно обвинителство.

Тоа е една од одлуките што биле донесени на вчерашната седница на Извршниот комитет на партијата, од каде што посочуваат дека Државниот завод за ревизија ја потврдил проневерата од 4,6 милиони евра – пари кои биле исплаќани за високи хонорари, незаконски бонуси и плаќања надвор од делот за редовни плати, без законска основа.

„Тоа се 4,6 милиони евра злоупотребени пари од страна на обвинителска институција која требаше да гони криминал. Ова е преседан во светски рамки. Тоа се пари кои наместо во нови болници и училишта, завршиле во нечии џебови, и за тоа мора да има одговорност“,

изјави на денешната прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој информира и дека ИК на партијата ја потврдил одлуката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ставот дека нема да се поддржат одлуките на Стево Пендаровски за вонредната состојба, затоа што таа, како што рече, беше злоупотребена за работи кои не се поврзани со потребите за борбата против ковид – 19.

За авторот

Сподели