октомври 21, 2020

Командантите на ОВК со тактика за застрашување на сведоците

Во Хашкиот трибунал прашањето за закани на сведоците се отвораше кога судскиот процес беше во понапредна фаза. Меѓутоа, новиот специјализиран суд се одлучи обидите за застрашување на сведоците да ги спречи веднаш, истакнувајќи го и подобриот механизам за заштита на сведоците.

Долгогодишниот институционален молк и обидите за затајување на правдата за целосно разоткривање на воените злосторства за време на војната на Косово конечно е прекинат и судската постапка за откривање на главните виновници го добива вообичаениот тек. Пред Специјалниот суд во Хаг се поднесени првите обвиненија против високи раководни структури и команданти на ОВК. Но тоа беше и клучниот сигнал за припадниците на скриените центри, во кои несомнено се и поранешни припадници на расформираната паравоена косовска војска, да се обидат да го „минираат“ целиот судски процес, за да се спречи донесувањето конечни судски пресуди. Во изминатите денови со невидена транспарентност од „непознати“ доставувачи беа обелоденети илјадници страници на изјави од луѓе што сведочеле за делата на припадници на ОВК, а кои се поврзани, како и за случаи што се предмет на Специјалниот суд за Косово.

– Без разлика на процесирањето на двајцата главни осомничени за застрашување сведоци, нивното дејствување веќе ја постигна целта. Со објавување на документите се обелоденуваат имињата на сведоците и нивните адреси и доведени се во прашања нивните животи и безбедност, а таа последица не може да биде елиминирана – изјави адвокатот Бранислав Тапушковиќ за српската новинска агенција „Танјуг“.
Неколку дена пред апсењето на првиот обвинет Салих Мустафа, неидентификуван маж на адреса на Здружението на воени ветерани на ОВК во Приштина на трипати достави неколку илјади документи во кои наводно се наоѓаат изјави и потврди на идентитетот на многубројни сведоци за сторени воени злосторства за кои ќе одговараат некогашните водачи на косовската паравоена формација. Претставниците на воените ветерани Назим Харадинај и Хисни Гуцати се обидоа овие документи да ги достават и до новинарите, но повеќето медиуми одбија да ги објават содржините на овие материјали, со напомена дека станува збор за сведоштва на жртвите во акциите што непосредно по војната во 1999 година ги спроведе Ослободителната војска на Косово. По ова следуваше апсење на Харадинај и Гуцати, а обвинението што го издаде Специјалниот суд во Хаг се однесува за делата заплашување сведоци и повреда на тајноста на постапката. Заштитата на сведоците е клучниот проблем со кој се соочуваат судските органи од основањето на Специјалниот суд.

Претходно, ни Хашкиот трибунал не можеше да го реши проблемот со застрашување сведоци, особено во постапките за два случаја против некогашниот командант на оперативната зона Дукаќин, која ја покриваше Рамуш Харадинај, објави РТС.
Некогашната главна обвинителка во Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, пред Советот за безбедност на ОН предупредуваше на проблемот за заштитените сведоци на Косово и посочуваше на отворената поддршка на официјалните лица од ОН на косовскиот политичар Рамуш Харадинај.
– Немам ништо против пријателствата, но ако има постери на кои шефот на УНМИК го поддржува Харадинај, тоа создава сериозни проблеми – изјави Дел Понте на прошталната прес-конференција во Њујорк кон крајот на 2007 година.
Нејзиниот заменик Дејвид Толберт тогаш беше потранспарентен во изјавите, кој рече дека „стравот и притисокот на сведоците најдобро го отсликуваат фактот дека третина од вкупниот број сведоци биле принудени да се појават пред судот по изрекувањето судски налози“.

Во меѓувреме, приштинските медиуми информираа за многу сомнителни исчезнувања на потенцијални сведоци. Една од нив е изјавата на една жена за тоа дека припадници на ОВК ѝ ги однеле мажот и свекрвата, чии тела никогаш не биле пронајдени.
Во документот на известувачот за проблемите со заштитени сведоци на Балканот, подготвен од Жан Шарл Гардет во 2010 година, се наведува за исчезнувањето на најмалку двајца сведоци, односно на Садик и Весел Муриќи, кои биле убиени иако биле дел од програмата за заштита на сведоци на Хашкиот трибунал.
Во Хашкиот трибунал прашањето за закани на сведоците се отвораше кога судскиот процес беше во понапредна фаза. Меѓутоа, новиот специјализиран суд се одлучи обидите за застрашување на сведоците да ги спречи веднаш, истакнувајќи го и подобриот механизам за заштитата на сведоците.

За објавувањето доверливи судски документи и за проблемот на заштита на сведоците на воени злосторства сторени на Косово пишува и „Еуроњуз“, кој посочува на фактот дека по распуштањето на ОВК, нејзините команданти и лидери станаа главни играчи на Косово, особено откако земјата прогласи независност од Србија во 2008 година. Меѓу нив е Хашим Тачи, првиот премиер на независно Косово и од 2016 година нејзин претседател. Другите високи личности во ОВК, по војната, продолжија да ги извршуваат највисоките работни места во Косово, вклучувајќи ги и Агим Чеку, командант на ОВК, кој беше премиер од 2006 до 2008 година, и Кадри Весели, поранешен претседател на косовскиот парламент, кој беше еден од основачите на движењето. Тие се обвинети за воени злосторства и ги негираа обвинувањата, при што Тачи отиде подалеку и изјави дека веднаш ќе поднесе оставка доколку обвинението го потврдат судиите на претходна постапка.

Во текстот на „Еуроњуз“, исто така, се посочува на сведоштвата од Меѓународниот трибунал на Обединетите нации за поранешна Југославија на Карла дел Понте, која тврди дека „се случиле сериозни злосторства за време на конфликтот во Косово против српски државјани што останале на Косово, но дека овие злосторства не биле сериозно истражени“. Тврдењата на Дел Понте предизвикаа истрага предводена од европратеникот од Советот на Европа, Дик Марти, кој во декември 2010 година ги поддржа обвинувањата за трговија со органи и ги вмеша водечките фигури на ОВК.
Меѓу нив, тој го именува Тачи, за кого рече дека е шеф на фракција во ОВК позната како Група Дреница. Според изјавите на Марти, до 1998 година, Тачи не само што имал поддршка во Косово туку станал претпочитан партнер во Вашингтон, а тоа го направило да биде „недопирлив“, пишува во текстот на „Еуроњуз“.

Тврдењата на Марти доведоа до формирање „Специјални истражувачки работни групи“ (СИТФ) во јануари 2011 година, со седиште во Брисел и финансиран од Европската Унија. Во 2015 година, косовскиот парламент неволно се согласи да формира специјален суд. Но иако меѓународниот суд доби мандат од косовскиот парламент, тоа не беше топло прифатено во Косово, особено кај оние што беа дел од ОВК. Прво меѓу неговите критичари е Здружението на ветерани на ОВК во Приштина.

*Нова Македонија

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •