Република Македонија ја прогласи 2021 за година на Блаже Конески
Во чест на Блаже Конески, 2021 година е посветена на великанот на македонската култура, со што Македонија се прилучува кон глобалната иницијатива на Генералното собрание на Обединетите нации идната година да биде Година на мирот и довербата. Светската организација повикува на заеднички напори да се обезбеди траен мир, солидарност и хармонија.

Министерството за култура и Министерството за образование и наука соопштија дека со одлуката за Блаже Конески отпочнува иницијативата за приклучување кон прославата на оваа Меѓународна година со програма посветена на нашиот великан по повод стогодишнината од неговото раѓање.
„Оваа годишнина заслужува сите актери на културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески. Мирот и довербата се стожерите на неговата поетска и научната дејност”, велат од министерствата и додаваат дека подготвуваат платформа за усогласување на различните настани што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво.
Денот на раѓањето на Конески е запишан и на Листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.