НАТО обзнани: Грција и Турција со „црвена линија“ за избегнување на конфликти на море или во воздух

По низата средби меѓу воени претставници на Грција и на Турција, денеска во НАТО е воспоставен билатерален механизам за избегнување на конфликти. Како што се наведува во соопштението на Алијансата, механизмот има за цел да го намали ризикот од инциденти и несреќи во Источен Медитеран, а меѓудругото вклучува и воспоставување на „црвена линија” меѓу двете земји за да се олесни избегнувањето на конфликти на море или во воздух.
– Го поздравувам воспоставувањето на воен механизам за избегнување на конфликт, постигнат со конструктивниот ангажман на Грција и на Турција, двете вредни сојузнички на НАТО. Овој безбедносен механизам може да помогне за создавање на простор за дипломатски напори за решавање на основниот спор и ние сме подготвени да го развиеме понатаму, истакна генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг.
Тој на почетокот на септември беше иницијатор на разговорите помеѓу Грција и Турција. НАТО и претходно, во 90. години од минатиот век воспостави сличен механизам во регионот, кој беше ефикасен за намалување на тензиите и обезбеди простор за дипломатски разговори.