Ерменија: Соборени три авиони и еден хеликоптер на Азербејџан

Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека денеска војската во Нагорно Карабах соборила еден азербејџански авион и еден хеликоптер. Набргу после тоа, беше соопштено дека се соборени уште два авиона, пренесува ТАСС.
„Погодени се уште два авиона. Тоа значи дека се соборени три непријателски авиони денеска. Покрај тоа, два хеликоптери и шест беспилотни летала беа уништени за половина ден”, напиша портпаролот на ерменското Министерство за одбрана Артсрун Ованисјан на својот Фејсбук профил.
„Силите на Нагорно Карабах соборија еден непријателски авион и еден хеликоптер во јужните и југоисточните правци“, напиша претходно на Фејсбук портпаролката на Министерството Сузан Степанјан.
Пред неколку часа, ерменското Министерство за одбрана соопшти дека биле соборени три азербејџански хеликоптери, 15 возила биле уништени, како и најмалку еден ракетен систем „Смерч“, а шест беспилотни летала биле соборени.
Претходно Министерството објави дека е погоден авион на азербејџанското воено воздухопловство, кој се урнал на територијата на Иран.