октомври 22, 2020

Следи нов Чернобил ако Азербејџан ги оствари заканите против Ерменија (видео)

Една од потенцијалните мети на евентуален напад од азербејџанските сили врз Ерменија би можела да биде и нуклеарната електрана, предупредија странските медиуми уште пред неколку месеци.

Деновите пред почетокот на актуелниот вооружен конфликт во Нагорно-Карабах, кој е дел од отцепениот регион Арцах, ерменските власти повторија дека добиле сериозни закани од Азербејџан.

Заканите на Азербејџан дека ќе ја погодат нуклеарната електрана Метсамор не се ништо друго освен злосторство против човештвото и на тоа би требало да стигне соодветен одговор од меѓународната заедница, рече ерменскиот министер за територијална управа и инфраструктура Сурен Папикјан, во обраќањето на 64. редовно заседание на Генералната конференција IAEA на 21 септември.

Ерменија ќе продолжи со сите напори за спречување на таквата закана и во иднина, рече тој тогаш.

„Во овие тешки услови на борба против коронавирусот, Ерменија се соочи со исклучително опасен предизвик без преседан по безбедноста на земјата и целиот регион. Зборувам за реална закана со ракетен напад врз нуклеарната електрана Метсамор што ја изрази висок претставник на соседна држава на Ерменија“, рече Папикјан.

Според неговите зборови, Азербејџан рекол дека цел на таквиот напад би било „нанесување на катастрофална штета за Ерменија и нејзиниот народ“.

„Првпат се соочуваме со ситуација кога сериозна закана по нуклеарната електрана не доаѓа од некоја терористичка организација, туку од држава преку нејзин официјален претставник. Држава која пред меѓународната заедница се претставува како нејзина одговорна членка и е полноправен субјект во меѓународните односи. Како што се покажа, нашето меѓународно право и неговите алатки не ја зедоа целосно предвид појавата на вакви закани. За жал, до денес меѓународната заедница нема ефикасни механизми на ограничување за спречување на потенцијални закани по безбедноста на нуклеарни електрани од странски држави и ѝ недостигаат алатки за ефикасно реагирање на закани кои веќе се упатени“, рече министерот.

Остварување на заканите на Азербејџан би значело нуклеарна катастрофа како онаа во Чернобил во 1986 година, па и пострашно, пишува Радио Слободна Европа.

„Ерменската страна не смее да заборави дека најсовремените ракетни системи на нашата војска ни овозможуваат прецизен удар на нуклеарната електрана Метсамор, што би можело да доведе до огромна катастрофа за Ерменија“, рече Вагиф Даргали, портпаролот на азербејџанското Министерство за одбрана, на 16 јули, неколку часа откако продолжи непријателското однесување по неколкудневно затишје во спорниот регион.

Сега, повеќе од два месеци подоцна, повторно се стравува дека судирот на Кавказ би можело да ескалира до таа мера што Азербејџан би ја исполнил ваквата закана.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •