Христијан Мицкоски: И Заев губеше на избори, ама не си даде оставка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на Телма, рече дека нема да се кандидира во случај на вонреден конгрес на партијата, а, од друга страна, кажа дека нема да се повлече додека „мафијата не добие правда“
И лидерот на СДСМ губеше на избори, ама не се повлече од функцијата, посочи водачот на опозицијата Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување на Телма, не одговарајќи прецизно дали чувствува одговорност што ВМРО-ДПМНЕ не победи на годинешниве парламентарни избори.
Тој рече дека, како чин на лична одговорност, го поднел барањето за вонреден конгрес, што Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го одби. Барањето, како што посочи, го поднел затоа што тоа не го направиле иницијаторите за одржување вонреден конгрес на партијата.
Иако статутот на ВМРО-ДПМНЕ не дозволува одржување вонреден конгрес во период од шест месеци откако ќе биде одбиено барање за тоа, Мицкоски вели дека, ако има вонреден конгрес на партијата, тој нема да биде повторно кандидат за лидер. Од друга страна, тој рече дека нема намера да отстапи додека „овие мафијаши не ја добијат правдата“.
„Јас Христијан, сум последната брана во оваа држава на сите оние кои се длабоко навлезени во криминал и корупција, политичари и друг тип на елити. И од сите страни сум напаѓан и понатаму ќе бидам напаѓан. Тука ги подразбирам оние мафијашии што ја урнаа државата, оние кои што ја опљачкаа Еуростандард банка, оние кои ја задолжија државата. Да се биде најнапаѓаниот политичар од страна на овие мафијаши само ми е дополнителен мотив да се борам против оваа неправда што се случува во државата. Секојдневно тоа ме мотивира и ме прави поодлучен во таа борба, никогаш нема да се повлечам додека овие мафијаши не ја добијат правдата што треба да ја добијат“,
Дел поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ му забележуваат на Мицкоски за неколку порази во низа, откако дојде на чело на партијата, односно за бојкотот на референдумот, кој, сепак, не го спречи спроведувањето на Преспанскиот договор; за неуспехот на ланските претседателски избори и за поразот на годинешниве избори, а откако тој најави во предизборието дека ќе се повлече ако не победи и не успее да формира влада.
Заев, пак, по доаѓањето на чело на СДСМ летото 2013 година, ги изгуби претседателските и парламентарните избори што се одржаа следната (2014) година, по што тогашната опозиција не ги призна изборите и подолго од една година не учествуваше во работата на парламентот, каде што се врати кога почнаа преговорите во Пржино за надминување на политичката криза. И на парламентарните избори во 2016 година, СДСМ освои два пратенички мандати помалку од ВМРО-ДПМНЕ, ама успеа да формира влада со ДУИ.
Во гостувањето на Телма, Мицкоски зборуваше и за предлогот на Судскиот совет Добрила Кацарска од Кривичниот суд во Скопје да биде избрана за уставна судијка. Според него, со Кацарска како уставен судија не може да има реформи во правосудството.
„Проблемот во Македонија е што граѓаните, младите луѓе, оние повозрасните, сите немаат доверба во системот, поради што се чувствуваат беспомошно. Денеска, гледаме дека Кацарска ќе станувала уставен судија, ќе добиела унапредување поради тоа што добро одработила изминатиот период. Не може да има реформи со неа. Видете и кој го избира Судскиот совет кој ја предлага. Вие не можете да имате доверба во судството, ќе се чувствувате обесправени секогаш, затоа што ние гледаме како политичар бара мито и тој политичар поради процедурални причини е на слобода“.