октомври 29, 2020

Државен завод за ревизија: СЈО незаконски исплатило 4,5 милиони евра за додатоци на плата!

Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај за работата на веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Нерегуларности се утврдени при исплатата на додатоците 2016 до 2019 година, за што е изготвен посебен извештај, бидејќи станува збор за информации кои се класифицирани. Сепак од ДЗР појаснуваат дека во овој класифициран извештај е нотирано дека незаконски се исплатени додатоци во износ на 4,5 милиони евра. Во делот, пак кој е достапен за јавноста, нерегуларности се констатирани во исплатата на додатоците исплатени во 2015 година.

Од ДЗР информираат дека ревизијата е направена на барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

-Во ревизорскиот извештај се нотира дека додатоците на плата за 2015 година, коишто се предвидени за Јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатените средства за основната плата по лице.

Ваквата констатација е резултат на извршените детални тестирања на доставената документација, како и анализата на податоците од деловните книги. Во предвид се земени и интерните акти донесени од страна на Јавниот обвинител, односно Правилникот во кој се утврдени додатоците во апсолутни износи.

Правото на додаток на плата на Јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој утврдени се додатоци на плата и тоа: додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35% од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт.

Ревизорските наоди кои се однесуваат на остварувањето на правото на други надоместоци произлегуваат од прибавени информации кои имаат степен на класификација, поради што Државниот завод за ревизија согласно член 29 од Законот за државната ревизија изготви посебен извештај, согласно Законот за класифицирани информации, а висината на исплатените средства по овој основ изнесуваат 282.896 илјади денари, велат од ДЗР.

За извршената ревизија, Државниот завод за ревизија го даде следниот заклучок:

„Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Исто така утврдивме дека освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти.

Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, велат од ДЗР.

Од делот кој е достапен за јавноста, ревизорите пресметале дека од септември до декември 2015 година за додатоци биле исплатени 2.185.000 денари, а висината на додатоците била утврдена по три основи: додаток за посебни услови за работа кој изнесувал 15.000 денари, за постоење на висок ризик додаток во износ од 25.000 денари и додаток за доверливост во износ од 30.000 денари.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •