Шаќири: Од декември анализа за намалување на институциите

Јетон Шаќири, новиот министер за информатичко општество и администрација, денеска најави дека анализата за намалувањето на бројот на администрацијта преку намалување на непотребните институции чии надлежности се преклопуваат ќе започне во декември.
Одговарајќи на новинарски прашања, Шаќири најави хоризонталната анализа, а првиот состанок за тоа со ангажираните ескперти е планиран за декември годинава. Откако ќе се анализираат и обработат податоците и ќе бидат консултирани коморите и синдикатите ќе се направи потребното усогласување на законите за административни службеници и за јавен сектор.
-Ќе се елиминира преклопување на надлежности меѓу институциите. Ќе има јасен план за спојување и укинување на постоечки институции или за нови институции неопходни согласно процесот за преговори членство во ЕУ. Со оглед на фактот што кај голем дел од институциите е детектирано преклопување на надлежностите бројот на вработени во јавниот сектор ќе се намали. Како отворена опција за намалување на вработените во јавниот сектор се пакетите за трансфер во приватниот сектор, изјави Шаќири пред медиумите.
Во процесот на реорганизација и оптимизација, како што најави тој, ќе влезат органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби.