мај 28, 2023

Не умри магаре до зелена трева

Стефчо Негриески

Субвенционирањето го смени начинот на однесување на нашите луѓе. Сега да “лапнеш” субвенција претставува начин на живот, да се биде “ин”. Субвенциите од македонските граѓани направија мрзоволни луѓе. Но, дали ваквиот начин на водење на економијата е одговорно?! Секако дека не е! Никој, никогаш, не развил економија со субвенционирање.

Да почнеме од земјоделството, поточно од последните случувања со откупот на винското грозје. Илјаници тони неквалитетно грозје се набраа годинава, велат од здруженијата на производители. Што ќе се прави? Но, тука веднаш напомош скокна Владата, вети дури 8 денари субвенција за килограм грозје, иако винариите ваквото грозје го откупуваат по 2 денари. Значи од откупната цена на грозјето, државата плаќа дури 80 %. Јас искрено ваква работа не сум видел во мојов живот. И што ќе постигне со ова? Веројатно догодина уште поголеми количини неквалитетно грозје и уште поголем пожар за гасење. За нашите лозаропроизводители и врбата почна да раѓа грозје. Шегата настрана, квалитетно грозје не се прави со лежење и чекање субвенции. Но, така ги научи Владата. Владите поточно. А парите? Парите здравје боже ќе гледаме – ќе правиме. Владата ветува па потоа бара начини да обезбеди средства. Во последната Програма за директни плаќања во земјоделството, од 120 милиони евра, половина се предвидени за заостанати обврски кон земјоделците за период од 2012 – 2019. Замислете, некој чека пари од 2012 година. Несериозно во најмала рака.

Владата вчера го соопшти четвртиот пакет на антикризни мерки тежок 470 милиони евра. Многу мерки, но би рекол и многу со одложено дејство, во услови кога реализацијата на првите 3 антикризни мерки не е ниту 50 % од планираните 550 милиони евра. Ова пред некој ден сам го призна министерот за економија, Бектеши. Значи лагата се надоградува. Од лага ништо добро не се родило. Лесно е да ветуваш, но дали ги реализираш ветувањата?!

Но, еве малце да ги разгледаме мерките. Дел од мерките, оти сепак е ова една обична колумна. Четвртиот сет мерки предвидува повластена стапка на ДДВ за ресторанска дејност од 10% наместо досегашните 18 и 5 %, со цел да се стимулира дејноста, а да се дестимулира сивата економија. За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе стапи на сила на 1 јануари 2021. Не е малку прекасно Нова Година? Овие бизниси и досега мака мачеа да опстанат (многу и не отворија), за сега да им се ветува намалување на ДДВ од 2021?!

Мерките предвидуваат и финансиска поддршка за туристичките агенции кои се меѓу најпогодените од ковид кризата и регистрираните угостителски објекти за организација на свадби и веселби. Каква поддршка ќе им дадете на овие субјекти за плати, ако уште од март им е забранета главната дејност?! Умре магарето.

За стамулирање на потрошувачката, Владата предвидува платежни картички со износ од 6 илјади денари. Такви ќе добијат над 5700 самохрани родители, пензионери со минимални пензии до 15 илјади денари, студентите, филмските работници и пасивните баратели на работа. Предвидена е и поддршка на граѓаните над 64 години кои немаат ниту пензија, ниту некакви други државни примања. Значи, оваа мерка опфаќа граѓани на кои ситуацијата не им е променета од кризата. Интересно.

Уште една мерка исто така го оправдува насловот. Најпогодените сектори ќе добијат поголема финансиска помош за плати на вработените до 21.000 денари, што подразбира субвенционирање покрај на платата и на придонесите. Оваа мерка ќе се однесува на компаниите кои претрпеле пад на приходите над 30%. Знаете кога компаниите ќе знаат какви ќе им бидат приходите и каков е Билансот на успех? Март 2021 година, кога ќе ги имаат завршните сметки за 2020 година. Тамам и тревата ќе раззелени.

Ако субвенциите по дефиниција значат покривање на загуби заради “виша сила”, каква што несомнено беше уредбата на Владата за затворање на угостителските дејности, а никако заради неспособноста на некого да произведе со соодветен квалитет и квантитет за да биде профитабилен, чуму двојни аршини?! Со што пандемијата придонесе за лош квалитет на грозјето? Каква штета претрпеа на пример пасивните баратели на работа или пензионерите со минимална пензија? Нив ситуацијата им е “статус кво”. Но, тие веднаш ќе ги добијат неколкуте илјадарки на нивните картички.

А тие што претрпеа најголема штета, ќе чекаат Нова Година за да им ја намалат стапката на ДДВ. Беспредметна мерка за некој кој банкротирал. Средствата требаа да бидат насочени само кон оние кои претрпеле штети од мерките на Владата. Знам многу газди на мали колонијали кои се пријавени на минималец, а одмораа во охридските хотели со државни ваучери. А печалат добро. Иронија. Бевме и сведоци како на големи компании од различни сектори кои воопшто не беа погодени од кризата, туку напротив, им беа исплаќани позамашни суми пред изборите. Има многу лоши примери, нема добри. Тоа е Македонија.

Искрено да ви кажам не знам што е полошо. Дали тоа што субвенционирањето го смени менталитетот на нашите луѓе па сите чекаат од државата или двојните аршини на властите? Или пак неодговорноста на Владата во соопштување на овие мерки без претходна анализа или ребаланс на буџетот? За потоа никогаш да не ги исплати ветените средства. Ветувања, на лудиот радување!

Но, едно знам. Владата прави најмалку добро и најмногу штета со субвенционирањето сè и сешто. Потврда за тоа е и брзорастечкиот јавен долг.

Автор: Стефчо Негриески

За авторот

Сподели