На повидок нова војна помеѓу Ерменија и Азербејџан, прогласена општа мобилизација

Со истрели од тешка артилерија, судири меѓу тенкови и хеликоптери се разгоре вооружениот конфликт меѓу Азербејџан и Ерманија за областа Нагорно-Карабах.
Двете страни прогласија воена состојба и општа мобилизација по новите судири во оваа област.
Ерменија и Азербејџан веќе четириесетина години се заглавени во нерешениот конфликт околу Нагорно-Карабах, којшто е признат како дел од Азербејџан, но контролиран од етничките Ерменци.
Судирите станаа интензивни во последните месеци, а доживеаа кулминација изминативе два дена.
На социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како единиците на армијата за одбрана на Карабах вршат серија артилериски напади врз колона непријателски тенкови и борбени возила.
„Одбраната на Нагорно-Карабах им нанесува моќни и прецизни удари на азербејџанските позиции и оклопните возила“, се наведува во објавата на прес-службата на Министерството за одбрана.
Како што пишува на „Фејсбук“ портпаролот на ерменскиот министер за одбрана, Шушан Степанјан, силите извршуваат успешни казнени дејствија, нанесувајќи му штети на непријателот во опрема и човечка сила.
Министерството за одбрана на Ерменија преку соопштение тврди дека Азербејџан изгубил 4 хеликоптери, 15 дронови, 10 тенкови и борбени возила во конфликтите во Нагорно-Карбах.
Заедно со соопштението, eрменското Министерство за одбрана објави и снимки од уништувањето на тенковите.