октомври 29, 2020

Не ни требаат пораки, туку одлуки

Стефчо Негриески

Вистинската одлука се мери со фактот дека сте презеле нова акција. Ако нема дејствие, не сте решиле вистински.

Предолго трае нашето патешествие кон Европа. Додека ние стигнеме таму, голема е веројатноста Унијата да се распадне. Сега е и начната. Малку е да се каже дека ние, обичните граѓани сме веќе и по малку заморени од празните флоскули кои ни ги кажуваат европските политичари. За нашите и да не зборуваме. Ама, нив си ги знаеме и сами си ги гласаме. Она што јас си го поставувам како прашање е “Што сака Европа? Општ е впечатокот дека тоа не го знаат ни во Брисел. Ни во Берлин и Париз!!! А најмалку можеби во Љубљана?!

Денешната посета на претседателот на Република Словенија, е само една во неброената низа пред важните одлуки кои треба да се донесат во Брисел. И повторно слушаме пораки:

“ПРЕД НАС ИМАМЕ ПРЕДИЗВИК НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО МАКЕДОНИЈА И ТОЈ ПРЕДИЗВИК НЕ Е ТОЛКУ ГОЛЕМ, ШТО СО ВЕШТА ДИПЛОМАТИЈА, СО ОПРЕДЕЛАНА ФЛЕКСИБИЛНОСТ И ЦВРСТА ОБВРСКА ДА ГИ ПОЧИТУВА ДОГОВОРИТЕ НЕ БИ МОЖЕЛА ДА ГИ РЕШИ“ – ИЗЈАВИ СЛОВЕНЕЧКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ, БОРУТ ПАХОР.

Дали тоа Пахор нè спрема дека Заев ќе прифати сè и во преговорите со Бугарија? Читајќи меѓу редови, јас го читам токму тоа. Македонија закопана 2 метри под земја.

Вакви пораки се изнаслушавме. Еве една од посетата на Меркел, во предвечерието на неуспешниот референдум за промена на нашето име:

“Јасно дека има одредени предуслови кои треба да се исполнат и сите членки да се согласат со тоа. Без решение за името, нема согласност за членство. Тие две прашања се тесно поврзани. Без решение за прашањето за името нема одлука за членство, членките нема да гласаат ако тоа прашање не е решено. Нема никаква закана.”

И еве две години од историската посета на Меркел, Македонија е сè уште заглавена во истиот филм и покрај самоубиството кое си го начини со Преспанскиот договор. Сепак било уцена. Со незапочнати преговори, корумпирана власт и заробена држава, каде партиите ги имаат поклопено институциите целосно. Кое фајде од пораки, кога Европа не остави на ветрометина?! Угоре високо – удолу длабоко. Зборувам за нас, обичните граѓани. И не мислам дека за тоа е виновна Европа. Но, виновна е за манипулациите кои ги прави со позитивните извештаи на Европската Комисија и со ваквите пораки при посетите на нашата земја, стварајќи секогаш слика дека уште односите со соседите се проблем. Давајќи им одврзани раце на нашите политичари да ги решаваат овие прашања без никакви црвени линии во наводните преговарања со соседите и користејќи ги овие лажни извештаи за дневно – политички цели, и несметано продолжување со коруптивното владеење. Европа не е крива, но е соучесник во разградувањето на државава. Ракетно гориво за неодговорното владеење.

Време е да кажеме доста. Не ни требаат емисари со лажни или штетни пораки, туку одлуки. Одлука за почеток на преговори. Без дополнителни фашистички уцени од нашите соседи. И доколку и во декември “јаловата” ЕУ не донесе одлука, ами ни испрати повторно само порака , Македонија треба да си го бара чарето. Не е вистина дека немаме алтернативи. Секогаш и за сè постојат алтернативи.

Време е Македонија да удри по масата и да си ги заштити своите национални интереси. Така ќе биде и поценета. Во спротивно ќе биде прегазена од своите соседи, наводно пријатели.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •