Владата сака да гради пруга до Струга, а МЖ Инфраструктура не може да врати 10 милиони евра

Јавното претпријатие Македонски Железници – Инфраструктура има 9,7 милиони евра доспеан а неплатен долг по девизни кредити, а Владата веќе донесе одлука да бара кредитор за 426 милиони евра за изградба на пругата од Кичево до Струга.
Претпријатието за одржување на железничката инфраструктура, според годишниот извештајот кој го објавил пред две недели, прикажува приходи од 874 милиони денари, за 26 помалку од 2018, а истите се главно од изнајмување на пругата и од државниот буџет, од каде биле обезбедени 553 милиони денари. Загубата е 340 милиони денари во 2019, односно слична сума како и една година претходно, а дури 510 милиони денари од расходите се прикажани како амортизација. За околу 900-тини вработени се делат 438,4 милиони денари за бруто плати
МЖ Инфраструктура за 32,58 милиони евра има обврски кон девизни кредити, од кои 9,7 милиони се доспеани. Задолженоста на претпријатието се зголемила за 34,86 отсто само за една година поради девизните кредити.
Од Коридорот 8, пругата од Куманово до границата со Бугарија е во изградба а е долга 89 километри. Функционален е само централниот дел Куманово – Скопје – Кичево од 154 километри. Делот што сака да го гради Владата, западниот дел, треба да изнесува 70 километри од Кичево до Албанија, но тој е во фаза на изработка на техничка документација.
На пругата од Куманово до Бугарија минатата година биле потрошени 10 милиони евра, но само на делницата до Бељаковце, додека до Крива Паланка практично се скенира само теренот. Средствата главно се oбезбедени преку кредит од ЕБОР.
Владата во вторникот одлучи за изградба на железничката пруга од Кичево до граница со Албанија да бара 426 милиони евра од меѓународни финансиски институции и билатерални кредитори како грант средства за техничка помош, но засега само за проектот до Струга. На истата седница, познавајќи ја ситуацијата во која се наоѓа МЖ Инфраструктура, Владата преку грантови реши да му обезбеди техничка помош преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF).
По првата половина од годинава, ЈП Македонски железници инфраструктура Скопје, со долг од 12,4 милиони евра се искачи на второто место на листата на најголеми должници кон државата, зад МЖ Транспорт. Неговиот долг е пораснат за околу два милиони евра, а претходно биле на четврто место.