Намален бројот на првачиња во струшкиот регион

Годинава 43 првачиња помалку се запишани во основните училишта во Струга. Бројот е намален од 613 ученици на 570 првачиња или две паралелки помалку. Најголеми намалувања има во двете најголеми училишта во Лабуништа и во Струга. Во Лабуништа има 20 првачиња помалку, а во струшкото основно училиште Браќа Миладиновци 27 помалку запишани.
„Во цела Република Македонија е истиот проблем со намалување на ученици. Намалување има и во нашето училиште. Во нашата држава треба да гледаме позитивно и да се трудиме народот да остане овде и да продолжиме да живееме. Бројот на паралелки не е намален, но бројот на ученици секоја година, десет-петнаесет се намалува“, рече Лаура Шапе, директорка на основно училиште Браќа Миладиновци.
Во руралните средини најлоша е состојбата во училиштето во селото Делогожда кое има и пет подрачни училишта. Овде континуирано последните години има пад. Лани таму се запишале 39 ученици, а сега само 32 првачиња. Во селото Јабланица, има седум нови првачиња, а ланската година12.
„Во однос на бројот на првачиња, вистина е дека бројката секој ден е помала. Тоа е поради трендот на иселување во западна Европа и потоа го земаат семејството со нив. Вистина, во некои помали училишта бројот доаѓа колку наставници толку и деца, но за тоа треба поголема анализа и од Владата“, изјави Дашмир Насуфи, општина Струга.
Но, во некои училишта во струшко годинава има и минимален пораст во однос на претходните години. Во селата Велешта има пет првачиња повеќе од лани, а во Радолишта 15. Инаку, бројот на првачиња во целиот струшки регион во последните пет години е помал за околу 200 дечиња. Во Охрид бројот на запишани првачиња е само за три помалку во однос на лани. Оваа година се запишале 480, а во учебната 2019 – 2020 година, 483. Но во Охрид годинава во основното училиште во селото Куратица не е запишано ниту едно првоодделенче.