Прислушуваните новинари ќе бараат отштета

Новинарите денеска ја преполнија салата каде се одвиваше рочиштето во случајот „Таргет-Тврдина“, но не да известуваат за масовното прислушување туку да сведочат како биле цел на следење на тајните служби. Дваесетина новинари беа денеска повикани како сведоци од обвинителството за да ги раскажат своите детали со прислушувањето и тие за време на изјаснувањето пред судот најавија оти ќе побараат отштета за повредата на нивните човекови права. Некои од нив ќе побаруваат и 200.000 евра.
Прашањата до нив ги поставуваше обвинителската Ленче Ристоска. Еве што изјавија дел од новинарите при сослушувањето:
Сашо Ордановски – „Имам 10.000 транскрипти на кои се напишани моите следени комуникации. Ме следеле мене и сопругата физички. Не само што чувствувам, туку имам и морална и материјална штета бидејќи во воздух ми е кренато возило во 2015 година. Потоа извесно време ја напуштив државава и живеев неколку месеци надвор од Македонија, бидејќи бев предупреден дека се подготвуваат и други работи против мене. Кога ми ја дадоа папката со транскриптите ми кажаа дека сум еден од петте најследени луѓе во државава“.
Горан Михајловски – „Првпат ми се појави сомнеж на изборите 2013 година. Се случуваше за работи кои ги дискутирав со колеги или извори по телефон, другиот ден да ми се јават од менаџментот со совет да ја спуштам топката, да не објавуваме за тоа што всушност го зборував по телефон, а сè уште не беше објавено. Истиот телефонски број го имам и денес. Не знам колку е важно за оваа постапка, но и ден денес имаме проблеми со барањето правда за незаконското прислушување, бидејќи ‘Телеком’ одбива да даде податоци, потврда, дека јас сум го користел тој број како службен, во времето додека бев главен и одговорен уредник на ‘Вест’. Моето отштетно побарување ќе биде еден милион денари“.
Саше Димовски – „Телефонскиот број што го користам е уште од 2001
година, само се менуваат префиксите, како што менував оператор. За тоа дека бев прислушуван станав свесен во 2010 година, по објавување на текст,
за кој тогаш добив куп материјали од нелегално прислушувани разговори на
обвинители од ОЈО Гевгелија. Истото по телефон го предочив на тогашниот јавен обвинител, сега адвокат во судница, по што и го објавив и мислам дека од тогаш
мојот број беше ставен на прислушување. Се чувствувам оштетен. Како што знаете, не по мое барање, туку на СДСМ мене ми беше дадена папка со транскрипти од мои разговори со луѓе, кои и повеќе не беа живи. Со тоа моите приватни и интимни разговори се најдоа како на зелен пазар, што ми предизвика голем стрес, со што ми се покачи шеќерот, добив инфаркт и слепило, а штетата само за лекување е 30 илјади евра. Затоа барам отштета од 200 илјади евра“.
Катерина Цаневска – „Се случуваше како уредник на Вести во А1 да подготвуваме одреден прилог и да комуницираме со новинарите и уредниците преку телефон. Се случуваше за Вестите на А1 во 19 часот ние во 5 до 19 да добиеме реакција или демант од Владата на прилог што не е емитуван. Никој не може никој да знае што содржи одреден прилог пред да се емитува, а ние имавме веќе деманти“.
Младен Чадиковски – „Од 2008 до 2011 бев уредник на А1телевизија, а до 2013 уредник на економска редакција во ‘Фокус’. Сознанија добив во 2015 година кога на прес на тогашната опозициска партија беше обелоденето моето име и ми беше дадена папка со мои разговори. Претходно сум имал сомненија, но не можев да потврдам. Се чувствувам оштетен и ќе барам парична надокнада“.
Јадранка Костова – „Од 2008 до 2015 бев главен уредник на неделникот ‘Фокус’, а бев дел од случајот ‘Големо уво’ од 201 година. Постојано имаше сомнежи. Во 2011 година почна една канонада тужби за клевети за делови од поставени прашања од прес-конференции. За тоа се жалев на Никола Младенов за лошиот третман во судот и тогаш почна речиси секоја недела да да добивам тужби за клевета. Мојот сомнеж е дека некој знаел дека тоа силно ме иритира и барав од Младенов да постави друг урдник и затоа беа тие тужби. Класичен мобинг, зашто 70 проценти од тие тужби беа повлечени. Ќе барам отштета“.
Борјан Јовановски – „За прислушувањето дознав од ‘бомбите’ на СДСМ, а потоа добив транскрипти од мои разговори. Се чувствувам оштетен и и ќе имам побарување“.
Сашка Цветковска – „За прислушувањето дознав на прес-конференција на СДСМ кога ми беше дадена папка со транскрипти од мои лични разговори. Работата што ја правев вклучуваше следење на имотот на политички експонирани лица. Едно од тие лица беше и Сашо Мијалков. Објавивме неколку истражувања. Ние во тоа време бевме напаѓани дека сме предавници на државата. Нема да зборувам за притисоците понатаму, а за тоа ќе доставам докази“.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК,
во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски
броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.