Побаран стечај за изведувачот на Клиничката болница во Штип, грчки „Интракат“

Македонската подружница на грчката компанија „Интракат“ (Intracom Constructions Societe Anonyme Technical and Steel Constructions), која го доби тендерот за изградба на новиот клинички центар во Штип за сума од 30 милиони евра, се наоѓа пред стечај. Барањето за поведување на стечајна постапка до Основниот суд Скопје – 2 го поднесе стечајниот управник Живко Калков во име на компанијата „Бетон-Штип“, поради неможност за наплата на долг од 2 милиони евра, направен од времето кога македонската компанија работеше како подизведувач на објектот. Во меѓувреме, грчката фирма одлучи самостојно да го доврши проектот, по што склучи и анекс-договор вреден 7 милиони евра, но од Министерството за здравство велат дека нема никаква исплата кон изведувачот во овој период поради забавени градежни активности во услови на вонредна состојба.
Градежната компанија „Бетон-Штип“, застапувана од стечајниот управник Живко Калков, до Основниот суд Скопје- 2 поднела барање за поведување на стечајна постапка врз подружницата на грчката компанија „Интракат“, која го гради новиот клинички центар во Штип, за што неодамна склучи и анекс на основниот договор со Министерството за здравство во вредност од 7 милиони евра.
Оваа информација за Фокус ја потврдија од надлежниот граѓански суд во Скопје, како и стечајниот управник Калков, кој практично управува со компанијата-предлагач – „Бетон-Штип“, додека над неа, исто така, веќе една година се спроведува стечајна постапка.
Во предлогот за поведување на стечајна постапка доставен до скопскиот граѓански суд, Калков наведува дека должникот „Интракат“, односно нејзината македонска подружница формирана во 2016 година, е неликвидна и неспособна да ги сервисира доспеаните обврски, вклучително и долгот кон „Бетон-Штип“.
Имено, станува збор за долг во износ од 2 милиони евра врз основа на фактури од 2016, 2017 и 2018 година, од кои преку извршител периодов биле наплатени околу 500.000 евра, меѓутоа останатите 1,5 милиони евра побарувачот не може да ги наплати, бидејќи нема пари на ниту една од трите банкарски сметки на должникот.
На тој начин, се создадени законски предуслови за иницирање на стечај, откако претходно била блокирана сметката на „Интракат“ повеќе од 45 дена, а воедно компанијата-должник нема побарување, додека нејзините обврски се поголеми од имотот што го поседува.
Во ваква ситуација, надлежниот стечаен судија во рок од 30 дена треба да закаже рочиште за претходна постапка на кое, доколку предлогот е технички уреден, ќе се донесе решение за отворање на стечај, во однос на кое, патем речено, должникот нема право на жалба.
Како што е познато, грчката компанија „Интракат“ во 2015 година, во конкуренција на 5 меѓународни понудувачи, го доби тендерот за изградба на новата клиничка болница во Штип, која беше најавена како современ објект со површина од околу 34.000 квадратни метри, што треба да овозможи услови за здравствена заштита на над 200.000 жители од целиот источен регион на земјава.
Откако го доби овој бизнис вреден над 30 милиони евра, обезбедени со кредитен заем од Банката на Советот на Европа, „Интракат“ за подизведувач го ангажираше токму „Бетон-Штип“, чии поголеми акционери беа „БИМ Инвест“ на Сашко Бошков (која ги откупи акциите од „Езимит“ на Зоранчо Митровски), по што следуваа „ТИМ ДОО“ на Панделески и „ОРКА Холдинг“ на Камчев итн.
Меѓутоа, соработката меѓу двете компании траеше се до почетокот на 2019 година, кога „Интракат“ го раскина договорот со „Бетон Штип“ и презеде обврски пред Министерството за здравство самостојно да го доврши објектот, со тоа што рокот на реализација по вторпат се пролонгираше, овојпат од 2019 до тековната 2020 година.
Откога извиси од проектот, подизведувачот „Бетон-Штип“ падна во стечај по барање на доверителите, пред се банките-кредитори, но оваа компанија истовремено поднесе тужба кон „Интракат“ со која побаруваше 2 милиони евра за неисплатени изведени работи на штипската болница.
Врз основа на ова побарување, стечајниот управник на „Бетон-Штип“ прво ја блокираше сметката на македонската подружница на грчката компанија, а сега бара и покренување на стечај, кој ќе биде отворена во рок од еден месец, освен ако предлагачот го повлече предлогот, должникот го исплати долгот или пак долгот го преземе некоја трета страна.