октомври 29, 2020

Бектеши до Касами за двојазичноста во приватните фирми: Прочитај ја владината програма, пред да коментираш, гласавте за неа

Министерот за економија Крешник Бектеши му порача на владиниот партнер и лидер на Беса, Билал Касами да ја прочита владината програма пред да дава изјави. Касами во интервју изјави дека приватните компании тереба да воведат двојазичност бидејќи дел дипломирани Албанци не говорат македонски јазик.

– Нашите сектори ќе работат на креирање на мерки за субвенционирање на приватните фирми при вработување на различни етникуми. Ве повикувам  да ја видите владината програма и ние како функционери сме задолжени да ја почитваме и реализираме програмата. Се разгледуваат неколку опции како од идната година субвенционирање да се реализира. Политичарите да ги читаат владините програми пред да коментираат, еве тоа е содржано во владината програма на страница 39 параграф 3. Ова важи и за политичарите да ја прочитаат владината програма, нека ја прочитаат оти гласале за владината програма – изјави Бектеши на новинарско прашање дали со премиерот Заев или вицепремиерот Битиќи разговарале за тоа и кој е ставот.

Бектеши повтори дека субвенционирањето нема да важи само за Албанците туку за сите заедници во зависност од структурата во компаниите. Секоја компанија која ќе ја подобри етничката затсапеност ќе ја потикнат компанијата преку субвенции. Министерот не прецизира колку пари во буџетот ќе бидат наменети за субвенционирање на приватните компании кои ќе вработуваат по етнички клуч, но додаде дека тоа ќе биде содржано во новиот буџет за идната година.

– Со наредниот предлог буџет ќе разгледаме да креираме такви мерки. Тука не влегуваат само Албанците, се работи за сите етникуми во нашата држава. Ќе креираме такви мерки да го потикнеме и приватниот сектор да вработува и со тоа да го зголемува процентот на некоја од заедниците, ние со субвенции ќе го помогнеме. Министерството работи на новиот буџет и во зависност од консултациите и со стопанските комори ќе видиме, ќе важи за сите правни субјекти во Македонија – рече Бектеши.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •