октомври 26, 2020

Минхен воведува строги мерки

Главниот град на сојузната покраина Баварија, Минхен, повторно воведува построги епидемиолошки мерки поради зголемувањето на бројот на заразени лица, вклучувајќи ја и обврската да се носат маски на одредени јавни места.

Како што заклучи Минхенскиот кризен штаб на состанокот денес, забраната за собирање на повеќе од пет лица на јавни места и обврската за носење маски на јавни места каде што обично се собираат многу луѓе, како што е главниот плоштад – Мариенплац, ќе биде воведена во четврток. Премиерот на Баварија, Маркус Содер, сака да воведе обврска за носење маски на јавни места во сите баварски места кои припаѓаат на т.н. жаришта, односно места каде што се евидентираат повеќе од 50 новоинфицирани лица на 100.000 жители во период од седум дена. Тој се залагаше Божиќните саеми да бидат откажани на места каде што бројот на новозаболени ја надминува вредноста од 50 на 100.000 жители.

Во моментов во Баварија, Минхен и Аугсбург спаѓаат во оваа категорија. Минхен е, во споредба со другите германски метрополи, град со најбрз раст на новоинфицирани. Во други градови, како Келн, Хамбург и Берлин, бројот на нови инфекции на 100.000 жители во рок од една недела е многу помал. Во Берлин има 21 новоинфициран на 100000 жители.

Рзмислуваат да забранат и алкохол на јавни места

Баварската влада треба да донесе одлука за понатамошните мерки во вторник, а се разгледува забрана за алкохол на јавни места и пократко работно време за кафеаните. Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер објасни дека ситуацијата во овој град е комплицирана бидејќи сè уште не е можно да се дефинираат изворите на ширење на инфекцијата. „Инфекциите избиваат во широк спектар на групи“, рече Рајтер. Октоберфест требаше да се одржи во Минхен минатиот викенд, но тој беше откажан поради пандемијата. Октоберфест во изменета форма сега се одржува во некои пабови.

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на сојузните држави се состануваат следната недела за да разгледаат какви мерки за борба против ширењето на инфекцијата треба да бидат воведени со доаѓањето на есента и зимата. Во последните денови, бројот на новозаболени лица во Германија е сличен на оној од врвот на пандемијата во април.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •